Живковиќ: Со Колективен договор на над 17.000 административни службеници ќе им се исплаќа К-15

Правата на вработените во приватниот и во јавниот сектор се врвни приоритети на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за што изминатиот период интензивно работевме и работиме на нивно унапредување, вели Милан Живковиќ од СДСМ.

Според него, со потпишувањето на Гранскиот колективен договор меѓу МИОА и Синдикатот на УПОЗ, се уредуваат поголеми и поповолни права за административците и се враќаат правата, кои, како што рече, беа укинати од ВМРО-ДПМНЕ.

-Колективниот договор на вработените меѓу другото им гарантира флексибилно работно време, исплата на регрес за годишен одмор, дневници за службено патување, платено отсуство заради лични и семејни околности, како и плата за време на штрајк. До крајот на годинава вработените ќе добијат К-15 во износ од најмалку 9.000 денари, посочи Живковиќ.

Вели дека со овој колективен договор се опфатени околу 17.700 вработени во органите на државната управа, судовите, јавните обвинителства, казнено поправните домови, локалните самоуправи, агенциите и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

-Социјалниот дијалог претставува обединувачки механизам за социјалните партнери, а потпишувањето на гранскиот колективен договор меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Синдикатот на УПОЗ покажува дека Владата го става интересот на работниците како највисок приоритет. СДСМ како одговорна партија која се грижи за правата на работниците и натаму ќе продолжи со заложбите коишто гарантираат подобри услови за работа на сите вработени и во јавниот и во приватниот сектор како и за спречување на злоупотребата на работничките права, вели Живковиќ.

07.02.2020 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега