Волф: Македонија е мала економија - тоа е нејзината предност

Раководителот на Одделот за надворешна економија и маркетинг при баварското Министерство за економија и медиуми, енергија и технологија, Улрике Волф, истакна дека Македонија е мала економија и затоа има предности. Во разговор за Дојче Веле, Волф оценува дека Македонија споредено со останатите земји во регионот, се позиционира релативно добро во економската размена со Германија.

 - Не може директно да се прави споредба на Македонија со пазарите кои се многу, многу големи. Значењето може да се согледа ако се види дека Баварија во германско-македонската трговија има удел од 25 отсто и ако се знае дека Македонија е пред Србија. Србија има повеќе жители, но Македонија има поголем надворешнотрговски волумен. Оттука може да се види дека посебните шанси што ги има Македонија се огледуваат и во бројките, изјави Волф за Дојче Веле.

Исто така, Волф нагласува и дека Македонија има многу добри услови за инвестирање.

- Она што државата можела да го стори, го има направено. Рамковните услови за инвестирање во земјата се многу добри, особено даночната стапка од 10 проценти на персоналниот данок и на данокот на добивка, како и договорите што земјата ги има склучено со многу европски земји за избегнување на двојното оданочување. 

Во текот на минатата недела, Волф ја посети индустриската развојна зона Скопје 1 во Бунарџик: - Најинтересното што на претприемачите може да им се понуди е добар контакт со фирми, валиден економски контакт врз којшто ќе можат да ги надградуваат односите. Според она што лично го добив од претприемачите како информација, пошироко истражување на мислењата е во тек, тие се задоволни со контактите, но натамошниот развој ќе покаже дали тие контакти ќе бидат основа за нешто повеќе. Јас сум оптимист, вели Улрике Волф.

18.10.2013 - 09:55

најчитано сега