Заев на фејсбук: Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на својот фејсбук профил напиша дека Христијан Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ која, како што наведува, е најрасипничката партија со милионски долгови и не може и нема да ја води државата.

– Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски јавно призна дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ е најазадолжена политичка партија, со долг од околу 8 милиони евра! ВМРО-ДПМНЕ сами си признаа дека се најнедомаќинска и најрасипничка партија во Северна Македонија! ВМРО-ДПМНЕ призна дека има милионски долгови и дека Христијан Мицкоски е стечаен управник, извршител на Никола Груевски – осуден криминалец и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ја задолжи земјава со милијарди евра, а неговата партија со милиони евра!, пишува Заев на неговиот официјален фејсбук профил.

Заев прашува што би се случило кога Мицкоски и Груевски повторно би се доближиле до државниот буџет.

– Ако својата партија ја задолжиле со 8 милиони евра, што би се случило со државниот буџет? Колку нови милијарди евра би ја задолжиле државата за нивните криминални проекти, каков што беше „Скопје 2014“, за кој тврдеа дека ќе чини 80 милиони евра, а потрошија речиси 700 милиони евра? Ако секој член од нивната партија го задолжиле со стотици евра, со колку илјадници евра би го задолжиле секој граѓанин на нашата држава ако повторно се доберат до државната каса? Со николку, граѓаните нема да им дозволат да допрат до државниот буџет! Политичарите недомаќини со лепливи прсти губат на избори!, пишува Заев.

Вели дека бруто надворешниот долг на државава од 2006 до 2017 (прв квартал) порасна од околу 2,5 милијарди евра, на околу 7,7 милијарди евра, или за повеќе од 5 милијарди евра!

– Почитувани граѓанки и граѓани, по признанието дека ВМРО-ДПМНЕ должи околу 8 милиони евра, Христијан Мицкоски ѝ должи на јавноста одговори на многу прашања: Кога и кој ги направил тие милионски долгови на ВМРО-ДПМНЕ и дали тие пари се потрошени на луксузните лустери, скап мебел, персиски теписи, дисплејот од речиси 100.000 евра и уметничките слики од неколку стотици илјади евра?
Колку банкарски сметки поседува ВМРО-ДПМНЕ и дали позајмените 8 милиони евра воопшто легнале на сметките на ВМРО-ДПМНЕ? Колкава е вредноста на луксузната палата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со земјиштето под неа и луксузните предмети во неа и на сиот замрзнат имот ширум државата, кој го стекнаа за време на нивното криминално владеење?, пишува Заев на фејсбук.

Заев наведува дека граѓаните на 12 април ќе го казнат стечајниот управник Христијан Мицкоски кој, како што пишува, е извршителот на Груевски и кои ја задолжија земјава со милијарди евра, а нивната партија со милиони евра, потрошени на барок и луксуз. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.02.2020 - 14:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега