Заев: Се посветуваме на нов период на економски и инфраструктурни придобивки во земјава и во Пелагонискиот регион

Димензионираме нов четиригодишен период со стопанствениците, зашто земјава е веќе со решени стратегиски прашања: за членство во НАТО, во ЕУ,  заокружени се прашањата со соседите, концептот дома за едно општество. Останува период во кој треба да работиме сите заедно за севкупна внатрешна трансформација на нашето општество, нагласи претседателот на СДСМ Зоран Заев кој попладнето имаше средба со стопанствениците во приелепската Регионална стопанска комора.

Според Заев, за развојот на економијата во овој важен централен регион во земјава се битни економските мерки, но и инфраструктурните решенија. Заев рече дека е изготвено идејното решение за автопатот од Велес – Прилеп – Битола.

-Прв пат ја отворам темата за идејното решение за автопатското поврзување Велес-Прилеп-Битола. Идејното решение е изготвено. Станува збор за проект вреден над 600 милиони евра. Државата е со сериозен финансиски капацитет со развиена патна мрежа од преку 700 километри само во последните години. Само со подобра патна мрежа може да се мисли и на економски развој. Ќе разговараме за административни проблеми кои може да ги олесниме, тргање на пара-фискалните давачки, но и за поддршката на компаниите зашто сакаме да расте домашното производство за, на крај, дополнително да биде примамливо за младите да останат во земјава и да наоѓаат работа. Сите мерки што ги презедовме се зашто ги слушавме барањата на стопанствениците. Мерката за супституцијата за растот на платите преку супституцијата на придонесите е широко прифатена од општеството. Верувам дека со пресекот на февруари, ќе добиеме податоци за серозен пораст на платите во државава. Минималните плати, покрај со синдикатите, ги утврдивме и со коморите. Поддршка имаме и преку Фондот за иновации преку кој 57 пати дава поголема поддршка отколку пред три години, со што се отвораат и нови работни места, изјави Заев.

Според Заев, економскиот раст е евидентен од минатата година со самата најава за членството во НАТО и очекувањата за почетокот на преговорите со ЕУ.

-Дефинитивно, уште членството во НАТО и очекувањата за почеток на преговорите за членство во ЕУ ги донесоа првите економски бенефиции. Во 2019 година имаме севкупен раст на повеќе од седум проценти на приходите во буџетот, јануари годинава го завршивме со повеќе од 7,5 проценти во споредба со јануари во 2019 година, благодарение на домашното стопанство кое редовно ги плаќа давачките, платите на граѓаните, придонесите. Тоа значи дека имаме подготвена земја да „се втурне“ во поглавјата каде, преку милијардите средства што ги очекуваме како помош на економијата може да ги забрзаме економските активности, а со тоа да ја постигнеме конечната цел – повисок економскии стандард на граѓаните, рече Заев.

Според претседателот на прилепската Регионална стопанска комора Ирена Јакимоска, едно од најбитните прашање е инфраструктурата.

– Денеска стопанската комора слави 98-годишен јубилеј и редно е да очекуваме пораст на економијата, а без решени инфраструктурни прашања, тоа е тешко можно, рече Јакимоска. 

19.02.2020 - 20:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега