СДСМ: Машините во Министерството за одбрана се набавени во транспатентна тендерска постапка

„Само лажни вести и измислици од белиот дворец, договорените тендери се одлика на ВМРО-ДПМНЕ, а денес постапките се јавни и транспарентни“. Ваква е реакцијата на СДСМ по прес-конференцијата на Димче Арсовски кој обвини дека министерката за одбрана, Радмила Шекеринска била вмешана во сомнителен тендер за машини, каде што постои сомнеж за проневера на 250.000 евра.

„Машините за кои потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше во настап на нервоза при телевизиското соочување со министерката за одбрана, а потоа и неговата партија се огласи, се набавени во јавна тендерска постапка при што до крај се испочитувани сите законски одредби.

Освен јавниот повик до сите фирми да земат учество во набавката и техничкиот дијалог, било одговорено на сите прашања, предлози и сугестии токму во насока на зголемување на конкуренцијата.

За разлика од 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ денес постапките се транспарентни и секоја компанија има можност да конкурира, денес не се договараат цените по телефон и со тајни разговори туку се јавно објавени постапки на кои победува тој што нуди најниска цена. Тоа за опозицијата е несфатливо, но тоа е почитување на законот.

На лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ му нема крај. Истата таа партија го кочеше Законот за одбрана во Собранието, особено важен за нашето членство во НАТО, со години ги држеше замрзнати платите на вработените во армијата и не направи ништо позитивно.

Наспроти нив, СДСМ се посвети целосно на подигнување на стандардот на вработените во одбраната, како и обезбедување подобри услови за работа преку целосно опремување со униформи и чизми на сите вработени во Армијата, платите за две години пораснаа од 3.000 до 6.000 денари и обезбеди надомест од 7000 денари за станарина.

Затоа,граѓаните на 12 април ќе ги поразат лажниот патриотизам и лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и ќе порачаат режим – никогаш повеќе“, наведе СДСМ во реакцијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.02.2020 - 17:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега