СДСМ: Неспособниот Мицкоски не може да се помири што тој не успеа да го реализира стратешкиот енергетски проект „Чебрен“

ВМРО-ДПМНЕ очигледно е без идеи и во очај, штом Мицкоски го пушта на прес конференција Стевче Антовски да зборува за наводен бонбона бизнис со распишувањето на тендерот за изградба на хидроцентралата Чебрен на Црна река, се вели во реакцијата од СДСМ.

Според владејачката партија, досега пропаднаа 13 тендери за изградба на Чебрен, а дел од нив ги распишал Мицкоски во времето кога раководел со ЕЛЕМ.

-Енергетскиот систем во периодот од 2006 до 2017 година се движеше во неповолна насока, а СДСМ за 2,5 години успеа да спроведе шампионски мерки во енергетскиот сектор и тоа: - Цената на струјата престана да расте и се стабилизира. Сега имаме најниска цена на струјата во Европа. За разлика од криминалното време на ВМРО ДПМНЕ од 2006 до 2016, кога цената на струјата се покачи за 100%. - СДСМ ја врати евтината тарифа на струјата што ја укина ВМРО-ДПМНЕ. - СДСМ го зголеми домашно производство на струја. Сега не увезуваме струја туку продаваме. Во време на криминалната ВМРО-ДПМНЕ имаше пад на домашното производство на струја од 25%, увозот достигна огромни 38%. Цената за која се купуваше струја беше над 200 евра. - ЕСМ сега не купува струја туку продава енергија на европските пазари и за две години продаде енергија во вредност од 40 милиони евра. - ЕСМ (ЕЛЕМ) денес има добивка од 80 милиони евра, за разлика од загубите во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од СДСМ.

Оттаму посочуваат дека планираната изградба на Чебрен предвидува јавно-приватно партнерство на АД ЕСМ со инвеститорот, кој ќе биде избран во транспарентна постапка. Според партијата, тоа е во насока на зголемување на домашното производство на електрична енергира, намалување на зависноста од јаглен и мазут и намалување на загадувањето.

-СДСМ спроведува мерки за засилени инвестиции во обвновливи извори на енергија, како фотоволтаични електрани, кои се иднина на енергетиката, а не јагленот, како што сметаат од ВМРО-ДПМНЕ. Најголеми инвестиции во енергетскиот сектор се извршени во време на СДСМ, со изградбата на хидроцентралите Козјак и Света Петка на реката Радика, а ВМРО-ДПМНЕ не може да се пофали со вложувања во енергетскиот сектор, туку само со расфрлање на народните пари за барокни згради, споменици и други фикции на Груевски и неговиот советник за енергетика Христијан Мицкоски. Затоа граѓаните на 12 април ќе порачаат – режим никогаш повеќе, се вели во соопштението од СДСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.02.2020 - 18:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега