Македонија и Италија ќе ја интензивираат соработката во областа на културата

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари средба со делегација од Италија. На средбата било договорено да се интензивира соработката во областа на културата помеѓу двете земји.

На средбата присуствуваа италијанскиот амбасадор во Македонија Масимино Белели, директорот на фестивалот Џифони Клаудио Губитоси, Марија Џузепина Трокили директор за продукција, дистрибуција, изведба и технички индустрии од Министерството за култура на Италија и Чиро Касталдо, одговорен во Секторот за туризам, спорт, култура и театар на Салерно и на Берзата за археолошки туризам на Италија.

- Македонија и Италија се две пријателски земји кои одлично ги негуваат односите во делот на културата и во унапредување на културната размена. Разговаравме за потпишување нов договор за културна соработка меѓу Македонија и Италија. Се планира следната година да имаме изложба со градот Равена, каде ќе се презентираат вредни копии од мозаици кои потекнуваат и од периодот на Јустинијан и кои ќе може да ги види македонската јавност, информира Канческа-Милевска.

На средбата министерката Канческа-Милевска изразила заинтересираност и за соработка во  делот на филмската дејност, за концерти и манифестации кои заеднички би се реализирале.

- Разговаравме и за потпишување договор во делот на копридукција меѓу владите на Македонија и Италија, потенцира Канческа-Милевска. Таа ги информирала за новиот Закон за филмска дејност, за прераснувањето на Филмскиот фонд во Агенција за филм, за одредени поволности во законот кои во Италија ги нема, како поврат на 20 отсто од средства за странски продуценти кои снимаат во државата...

Од своја страна, италијанскиот амбасадор Белели информира дека разговарале за културната програма предвидена за следната година: - Воспоставивме одлична основа за плодна и интересна соработка меѓу двете држави, оцени Белели.

 

18.10.2013 - 13:33
Фото: 
Денешен

најчитано сега