Коронавирусот ги одложува сите спортски настани во Македонија - Вардар и Монпелје ќе играат пред празни трибини
Владата денеска на седница ќе одлучува дали ќе забрани масовни јавни собири без разлика дали се организираат на отворен или затворен простор, како спортски настани, но и претстојните планирани карневали во Струмица и Прилеп, со цел превенција на ширење на коронавирусот.
-Ние како Министерство за здравство предлагаме оваа мерка да важи најмалку една недела, со можност во кој било момент да се донесе и друга мерка во зависност од тоа како ќе се движи ситуацијата од случувањата во регионот, рече на денешната прес-сконференција министерот за здравство Венко Филипче.
Нашиот предлог, додаде Филипче е да се забранат сите јавни собири каде има голема број луѓе, дали се во затворен или отворен простор.
-Сметам дека треба да се откажат сите гоелми јавни собири вклучително и спортските натпревари, истакна министерот за здравство.
Тој појасни дека вчера имало состанок Комисијата за спречување заразни болести од каде произлегла препораката да се ограничат масовните јавни собири, согласно Законот за спречување на заразни болести.
И додека постои можност сите спортски настани од домашните првенства да бидат одложени, проблематичен е дуелот помеѓу Вардар и Монпелје во ракометната Лига на шампиони. Поради згуснатиот распоред, тешко е да се најде нов термин. Доколку Владата го прифати предлогот, веројатно во „Јане Сандански“ ќе се игра пред празни трибини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа