Алберт Муслиу: Ако успее експериментот на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да бара албански партнер

 Предизборните коалиции меѓу партиите од македонскиот и албанскиот политички блок можат да станат пракса ако се покаже како успешен експериментот кој сега СДСМ го прави со БЕСА, вели политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу во интервју за Прес24. 

- Ова е шансата ваков тип на коалиции да станат незаобиколни во иднина. Ако оваа се покаже како успешна, тоа ќе биде сериозен поттик, а условно во моментов и проблем за опозициската ВМРО-ДПМНЕ да мора да бара стратешко партнерство со некоја од албанските партии во иднина. Бидејќи ако ова сега се покаже како успешно, не верувам дека СДСМ ќе се откаже од вакви коалиции во иднина, вели Алберт Муслиу во интервју за Прес24.

Според него шансите на СДСМ на овие избори повторно да привлече гласови се реални. Смета дека Заев нема суштински нарушен кредибилитет кај албанскиот електорат и од тие причини верува дека шестата изборна единица ќе биде клучна за тоа кој ќе биде дел од идната влада.

- Мислам дека тука ќе имаме тројна конкуренција. СДСМ има свои стандардни гласачи во шестката, зајакната со БЕСА и оние гласачи од 2016 година СДСМ станува сериозен конкурент за првото место во шестата изборна единица. Од друга страна за албанските политички партии шестката е таа која ја дава круната на победникот. Така што битката ќе биде сериозна во шестата изборна единица за тоа кој ќе биде првиот, а мислам дека е важно и кој ќе биде вториот, вели Муслиу во интервју за Прес24.

ПРЕС24: СДСМ и БЕСА прават историска коалиција меѓу една партија од македонскиот и една од албанскиот политички блок. Дали математиката на крајот може да биде пресликана во реалноста, или пак може да се случи два плус два да не бидат четири на крајот од денот?

МУСЛИУ: Математиките никогаш не се фиксни, сепак за избори зборуваме. Имаме период кој во однос на минатиот изборен циклус одреден број на граѓани и не се тука поради миграцијата. Но, верувам дека во секој случај можеме да имаме изненадување, па да збирот биде поголем. Да не заборавиме во 2016 година, СДСМ освои прилично албански гласови. Можеби дел од тие албански гласачи кои не биле спреми во 2016 година да  го дадат својот глас за нив, можеби сега ќе се охрабрат да го дадат. Можеби ќе има негативен ефект. Но, во секој случај историската димензија не може да се оспори, а верувам дека таа ќе се рефлектира и во бројки.

ПРЕС24: Мислите дека ваков тип на коалиции во иднина можат да станат нормални?

МУСЛИУ: Ова е шансата ваков тип на коалиции да станат незаобиколни во иднина. Ако оваа се покаже како успешна, тоа ќе биде сериозен поттик, а условно во моментов и проблем за опозициската ВМРО-ДПМНЕ да мора да бара стратешко партнерство со некоја од албанските партии во иднина. Бидејќи ако ова сега се покаже како успешно, не верувам дека СДСМ ќе се откаже од вакви коалиции во иднина.

ПРЕС24: Но тоа нема ли да произведе една друга ситуација, една партија да си определи свој албански политички партнер?

МУСЛИУ: Не. Секој изборен циклус е засебен. Сите почнуваат од нула. Слушам и неделава за дилемите кои се појавуваат во ДИК во врска со изборните комисии. Тоа е дилема секако, но партиите почнуваат од нула. Така што ова мислам дека ќе биде задолжително. Како што на пример е многу тешко на претседателски избори да излезете без да се договорите со некоја од албанските партии, мислам дека ако ова излезе успешно, а верувам дека ќе биде успешен експеримент, бидејќи прв пат се случува, верувам дека во иднина ќе стане пракса. Јас често спомнувам дека Љубчо Георгиевски 90-та година беше победник на изборите, но не формира политичка влада затоа што ВМРО тогаш не беше спремно да коалицира со албанска партија.

ПРЕС24: Има една друга ситуација. СДСМ на претходните избори 2016 години освои голем број албански гласови, но во овие речиси три години чинам дека изгубија многу од тие албански гласови. Мислите дека оваа коалиција сега со БЕСА може да ги поврати овие гласови и да донесе плус?

МУСЛИУ: Верувам дека тој дел на разочарување кој се јави кај тие гласачи кои го поддржа СДСМ не беше по вина на СДСМ.

ПРЕС24: Туку на ДУИ?

МУСЛИУ: Не би сакал сега повеќе да елаборирам. Си има политичари нека го прават тоа. Реално позицијата на Заев кај албанскиот електорат е добра. Тоа го покажуваат и анкетите. Во секој случај неговата политичка активност не е оспорувана кај албанскиот електорат. Значи немаме некоја негативност кон одредени негови политики. Така што верувам дека овој вид на предизборна коалиција, реално може да ги охрабри неговите поранешни албански гласачи од 2016 година пак да го поддржат.

ПРЕС24: Дали шестата изборна единица сега ќе стане клучен параметар за тоа кој ќе формира влада. И дали таму битката ќе биде меѓу ДУИ и СДСМ-БЕСА, или сепак ќе се случи битката да биде меѓу ДУИ и Алијансата?

МУСЛИУ: Мислам дека тука ќе имаме тројна конкуренција. СДСМ има свои стандардни гласачи во шестката, зајакната со БЕСА и оние гласачи од 2016 година СДСМ станува сериозен конкурент за првото место во шестата изборна единица. Од друга страна за албанските политички партии шестката е таа која ја дава круната на победникот. Така што битката ќе биде сериозна во шестата изборна единица за тоа кој ќе биде првиот, а мислам дека е важно и кој ќе биде вториот.

ПРЕС24: Мене овие избори ми личат на ситуација во која треба да се победи ДУИ. Има логика во тоа?

МУСЛИУ: Тоа е нешто што треба политичките партии да го кажат. Не можам да дојдам до таков заклучок. Ако репер е ставот на потпретседателот на СДСМ-Зекири, тогаш тој не е за соработка со ДУИ. Ако е ставот на лидерот пак, тогаш тој е отворен за соработка со сите и дека треба да има промена на начинот на правење политика дури и ако е ДУИ. Така што не гледам пресечен став, но и нормално е пред избори да нема пресечени ставови, затоа што сепак постизборно се ќе зависи од бројките. Така што не верувам дека некој од нив би сакал да ги затвори вратите не знаејќи ги финалните бројки на крајот.

ПРЕС24: Хипотетички. Ако Алијанса и ДУИ се блиску со број на освоени пратеници. Кого би одбрале СДСМ?

МУСЛИУ: Па сега ако е комотен за формирање на влада верувам дека би избрале да ја повикаат Алијансата, токму поради некои отпори кои ги имаше и во СДСМ и во јавното мислење кај општеството во однос на не промената на начинот на владеење, да верувам дека помеѓу тие две можности и сигурноста за формирање влада, верувам дека ги ја избрале Алијанса. Во крајна линија партнерите на Алијанса во овие избори е владин партнер кој влезе во влада по преговори со СДСМ. Алтернатива не преговараше со СДСМ и со ДУИ, туку само со СДСМ.

ПРЕС24: Каква кампања очекувате за овие избори со оглед на тоа дека се навестува многу црна кампања?

МУСЛИУ: Мислам дека таа страна која ќе успее да наметне оптимизам и позитивна кампања, оние преодни гласови кои не се одлучни, кои не знаат дали ќе излезат на гласање, не знаат за кого ќе гласаат би можеле да ги привлечат. Мислам дека онаа страна која ќе наметне оптимизам за иднината ќе има придобивка. Од друга страна очекувам дека меѓуетничкиот наратив ќе биде многу омекнат, затоа што реално и  албанските политички партии не можат да го напаѓаат СДСМ, меѓу другото и поради фактот што во таа коалиција има и една албанска политичка партија. Токму поради тоа верувам дека и ВМРО ДПМНЕ ќе се труди таа тема да ја омекнува и верувам дека повеќе ќе инсистираат на патриотското, отколку на националното. Така што верувам дека ќе биде валкана, но не толку валкана за да генерира тензии кај граѓаните.

ПРЕС24: Но, имавме сега една ситуација во општина Чаир со промената на имињата на училиштата. Едно од имињата е на поранешен припадник на ОНА...

МУСЛИУ: Ние во 2015 година имавме Диво Насеље и тоа не генерираше меѓуетнички тензии. Мислам дека играње на таа карта е повеќе потрошена енергија, отколку добиени некои политички поени.

ПРЕС24: Прашањето ми е во насока на тоа дали ова сега ДУИ го прави за да може да ја врати повторно во политичката реториката темата за правата на Албанците? Зошто баш сега се случува ова?

МУСЛИУ: Тоа треба да ги прашате нив. Сите политички партии пред избори сакаат да поентираат. Но, не верувам дека некој би го врзал коњот на таква бандера и да очекува големи придобивки од промовирање на националистички наратив од самата причина што имаме коалиција во која се сите заедници внатре, вклучувајќи ја и албанската. 

ПРЕС24: Колку добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ ќе влијае на изборниот процес?

МУСЛИУ: Секако ќе влијае. Колку и да има тенденции последните денови од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па и од некои интелектуалци, да се релативизира влијанието на добивањето датум за преговори, сепак добивањето на датумот ќе го смени наративот последните десет дена и секако дека тоа ќе влијае на одредена група која била на пример разочарана поради тоа што влеговме во уставни промени, а не добивме датум. А таа група не верувам дека е баш мала, и секако дека добивањето датум ќе ја охрабри и ќе го зголеми оптимизмот во верувањето дека има некоја посветла иднина.

ПРЕС24: А, членството во НАТО?

МУСЛИУ: Членството во НАТО е факт. И тоа ќе заврши мислам пред изборите. Секако дека ќе има влијание. За онаа група за која зборувам, мислам дека поголемиот ефект го постигна гласањето во Парламентот. Тоа беше историски момент. Но мислам дека моментот кога ќе се депонира Договорот во Вашингтон, секако дека ќе го зголеми и ентузијазмот и оптимизмот.

ПРЕС24: Алберт, ако ги анализираме последните три години и сега оваа коалиција, можеме ли да зборуваме за некакви релаксирани меѓуетнички односи? И можеме ли да зборуваме дека албанските прашања кои беа дел од политичката реторика изминативе 30 години, сега се трансформирани во нешто што е реал политика за граѓаните – економија, стандард...?

МУСЛИУ: Во последните два изборни циклуси и албанските политичари зборуваа многу за економски теми. Така што не е тоа веќе нешто не познато. На пример, не знам која албанска политичка партија сега би го потегнала прашањето на јазикот  во предизборна кампања кога е имплементирано тоа прашање. Можеби ќе зборуваат за начинот на имплементација, но не е тоа тема на која се зборува. Така што и фокусот на албанските политички партии повеќе се префрла на развој на економија, за вработување, за враќање на млади и сигурно албанските политички партии во овој изборен циклус во кампањата ќе инсистираат на кредибилитетот на тој што ја дава политичката понуда, отколку на самата суштина на понудите, затоа што тие се релативно слични кај сите албански партии.

ПРЕС24: Но од друга страна, некои аналитичари кои се проопозициски настроени ја отвораат темата за редефинирање на државата. Дека следното барање на Албанците би било федерализација?

МУСЛИУ: Таа тема за федерализација на државата кај албанските партии ја наметнале македонските партии. Најмногу ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот претседател. Албанските политички партии не се конспиративни здруженија. Ако некоја политичка партија инсистира на федерализација ќе излезе со политичка програма и тоа ќе го напише. Јас не знам што толку се крева баук околу тоа. А да има поддршка кај граѓаните гласачи, сигурно ќе излезеше една политичка партија со таква програма и ќе го бара нивниот глас за тоа. Но тоа не се случува. Така што мислам дека тоа се политички спинови. Ниту пак политичките барања на Албанците во последните 30 години водела во тој правец. Ние и за време на конфликтот во 2001 година не слушавме такви политички ставови. Така што тоа се флоскули кои се користат во предизборието. Јас мислам дека е погрешна таа стратегија, затоа што фактите зборуваат различно.

ПРЕС24: Во контекст на регионалната ситуација, членството во НАТО, датум за преговори, целата политичка ситуација во Македонија, дава ли гаранции дека државата на долг рок останува стабилна во контекст на регионалните случувања, Косово, Босна....

МУСЛИУ: Апсолутно. Јас сум од оние кои мислат дека ако добиеме датум, ние многу бргу ќе ја надминеме фазата на преговори на Србија и на Црна Гора. Македонија има релативно хомогено општество, сега може и двајца браќа да не се сакаат, но има релативно хомогено општество. Многу работи се прилично напреднати. Ние сме мирно општество, не е општество кое е подложно на секојдневни тензии. Да ве потсетам 90-та година еден од примарните ризици на оваа држава беа меѓуетничките односи и проблемот со Грција. Двата големи проблеми на оваа држава се надминати. Е сега ние можеме да имаме индивидуални инциденти, но тие не се рефлексија на колективните ставови.

ПРЕС24: Концептот на Владата, Едно општество за сите е функционален?

МУСЛИУ: Тој концепт, се гледа дека и со самиот помек наратив, е функционален. Тоа веќе е државна стратегија која е спроведена и ќе видиме како таа ќе се имплементира. И мислам дека како концепт е базиран врз здрави основи. Е сега како ќе се имплементира, тоа ќе видиме. Но во секој случај, правење на таква стратегија е еден цел сет на мерки. Има здрава основа, дека е релаксирана ситуацијата, е релаксирана. Дека тензиите се веќе на многу пониско ниво, тоа е ноторен факт.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.03.2020 - 12:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега