Заев: Прво здравје и безбедни граѓани, после сѐ друго - ќе се издигнеме сплотени во маката

Строго почитување на мерките и препораките за заштита од ширање на коронавирусот, а во таа насока и одложување на претстојните парламентарни избори закажани на 12 април побара претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Тој најави дека одлуката за одложувањето на изборите ја донеле синоќа. Овој предлог рече Заев, ќе биде презентиран на денеска закажаната седница на Советот за национална безбедност.

-Ние како најголема владејачка партија го препорачуваме тоа, но кога носите вакви одлуки мора да одмерите што ако дај боже предвреме порано заврши кризната состојба, па какви би биле последиците од пролонгирањето на изборите врз економијата. Мора да ги измерите да ги извагате сите работи, рече Заев.

Лидерот на СДСМ смета дека е добро што и опозицијата се согласува изборите да се одложат.

-Тоа е добро, еве не приближува до ставовите и верувам дека заеднички ќе изградиме став прво за одлука за  одложување на изборите, а  после тоа и заедно да го дефинираме денот на одржување на изборите, рече тој.

Заев истакна дека постојат повеќе аргументи за тоа кога би требало да бидат одржани изборите, но оти најважаен и одлучувачки е јавното здравје во државата. Министерот за здравство, рече, редовно информира, ги споделува своите информации, се следат трендовите од Кина, до Западна Европа, Италија… Сето тоа, вели, треба да се има предвид кога ќе определиме точен датум.

-За деталите за точен датум јас би оставил да разговараме сите лидери, имајќи ги предвид сите  факти, но  здравјето на граѓаните пред и над се. Кога ќе биде стабилизирана состојбата, кога тоа ќе биде овозможено пред се здравјето на граѓаните и обезбедено трајно,  тогаш би можело да се одржат изборите, истакна лидерот на СДСМ.

Лидерот на СДСМ рече дека очекува претседателот Стево Пендаровски да свика лидерска средба.

-Доколку тоа не го направи,  ние ќе свикаме. Нека видат ако собирањето е согласно кризните мерки, дали има доволно дистанца да се организира за да ги поочитуваме, рече Заев.

Тој верува дека постојат начини како да се искоординираат сите и заедно да бидат донесени одлуките околу  одложувањето и околу и одредувањето на новиот датум за одржување вонредните парламентарни избори.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.03.2020 - 12:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега