Заев- Јан Коп: Северна Македонија одлично се справува со вирусот Ковид -19, благодарение на институциите кои реагираа навремено

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Холандија во нашата земја, Дирк Јан Коп, соопштуваат од партијата.
 
На средбата се разговараше за актуелни теми како што е состојбата и справувањето со вирусот Ковид -19, политичката клима во земјава и можноста за одлагање на престојните избори како и економските последици и начините на нивно справување од страна на државата.
 
Заев истакна дека СДСМ како партија денеска го изнесе својот став за одложување на изборите до смирување на состојбата со Коронавирусот, затоа што здравјето на граѓаните е од примарно значење.  Она кое што следува е лидерска средба на која ќе бидат потврдени ставовите и на другите политички партии.
 
Тој посочи дека нашата земја презеде навремени чекори во однос на превенција и препораки до граѓаните со цел спречување на ширење на Коронавирусот и засега добро се справува со истиот. Институциите, водејќи се  од искуството и информациите на другите земји кои беа погодени претходно од Ковид -19, се подготвени и организирани и со опрема и кадри.
 
„Во таа насока и од страна на амбасадорот Јан Коп беше констатирано дека земјава одлично се справува со состојбата со вирусот Ковид -19, благодарение на институциите кои реагираа навремено со мерките кои имаат за  цел спречување на ширење на вирусот.
 
Во однос на започнатите процеси како членството на НАТО и датумот за почеток на преговори со ЕУ, претседателот Заев изрази големо задоволство за одлуката од страна на Сенатот на Шпанија кој одлучи на утре на 17 март да одржи пленарна седница со единствена точка на дневен ред: Ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО. А со ратификацијата во Шпанија, завршува процедурата за нашето членство во Алијансата.
 
По најпозитивниот извештај на ЕК за напредокот на нашата земја и безусловната препорака за почеток на преговори со ЕУ, претседателот Заев истакна дека оправдани се и очекувањата дека Северна Македонија ќе добие зелено светло за старт на преговори, а тоа ќе биде потврдено на  состанокот на Европскиот совет на 26, 27 март.
 
Амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп, истакна дека земјава навистина бележи голем напредок преку реформите и мерките кои досега ги направила, а и нејзината подготвеност и посветеност за уште повеќе. Тој додаде дека токму новата методологија на ЕУ е таа која што за земјите како нашата, подготвени за реформи и напредок, ќе биде само чекор напред во нејзиното напредување низ поглавјата и добивањето на статус членка на ЕУ“ велат од СДСМ.
 
Двете страни се согласија дека досегашната соработка на двете земји е одлична и така ќе продолжи и понатаму. Холандија е голем поддржувач на Северна Македонија и за нејзиното членство во НАТО и ЕУ.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.03.2020 - 16:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега