Заев на фејсбук: Испишавме историја, нашето знаме ќе се вее пред седиштето на НАТО

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не го криеше задоволството од ратификувањето на Протоколот на Шпанија за пристап на Македонија кон НАТО, па се огласи на фејсбук и напиша:

„Испишавме историја!

Во овие денови кога сите се бориме со заканата од корона вирусот, добри вести стигнaa од Мадрид.

Шпанскиот сенат пред малку го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

Со ова, сите 29 земји членки го ратификуваа Протоколот, Северна Македонија и официјално станува 30-та земја членка на најголемиот и најважен воено-безбедносен сојуз во светот.

Нашето знаме ќе се вее пред седиштето на НАТО, седнуваме на иста маса со развиенот западен свет, нашиот глас ќе биде рамноправен со гласовите на најмоќните држави.

Членството во НАТО значи безбедност, сигурни граници, но и подобар животен стандард.

Една од двете стратешки цели на генерации наши граѓани е остварена, затоа ќе продолжиме уште попосветено и помотивирано во остварување и на другата стратешка цел – прво преговори, па членство во ЕУ.

Солидарноста и заедништвото се најсилното оружје од справување со било каква опасност.

Здравјето пред сѐ, ќе се издигнеме уште повеќе и ќе успееме уште повеќе!“, напиша тој на својот профил на Фејсбук.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.03.2020 - 14:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега