Голем интерес за вработувањето во полиција - се пријавиле 5.491 кандидати

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, денеска информираше за конкурсот за прием на 400 нови полициски службеници.

Министерката истакна дека повторно имало голема заинтересираност за овој конкурс, на кој се пријавиле 5.491 кандидат: - „Може да констатираме дека се повтори огромниот интерес за вработување во полицијата и се потврдија истражувањата на ОБСЕ и меѓународните организации во кои изминативе години се регистрира континуиран раст на угледот на полицијата меѓу граѓаните.  На наше огромно задоволство, дури 5491 кандидат се пријавија на последниот конкурс за прием на полициски службеници или имаме повеќе од 13 кандидати за секое предвидено место, посочи Јанкулоска.

На конкурсот се пријавиле 820 женски кандидатки од кои 87 отсто се Македонки, 4,5 отсто се Албанки, 2,5 отсто Србинки, околу 1,8 отсто од ромска националност. 

Според министерката за внатрешни, најголем одѕив имало во Скопје каде конкурирале 1484 кандидати или 27 отсто од вкупниот број на кандидати, а потоа следуваат Битола, Куманово и Тетово.

- „Комисијата која што ќе ја реализира селекција веќе е формирана и наскоро кандидатите ќе бидат информирани за агендата на полагањето на физичките, општообразовните и психолошките тестови. Најпрвин ќе следи проверка на моторички способности. Како и при претходниот прием на полициски службеници, предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3200 метри за 13,30 минути и 10 згибови на вратило за мажи, додека минимумот за женските кандидати ќе изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3200 метри за 16,30 минути, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата. По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази. Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Истите во постапката за селекција ќе се утврдуваат од страна на Здравствена комисија која што ќе биде формирана за таа намена“, изјави денеска министерката.

 

20.10.2013 - 13:23

најчитано сега