ВМРО-ДПМНЕ: Континуирано укажуваме на грешките, но за Заев поважно е личното богатење

 

Република Македонија се соочува со пандемија од огромни размери предизвикана од коронавирусот и со длабока економска криза која може да трае подолго доколку навремено не се преземат мерки за нејзино стабилизирање, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Зоран Заев лицитира со економските штети од пандемијата обидувајќи се да го покрие претходниот грабеж на народните пари. Сумите варираат од 1,2 , 2 , па дури и 3 милијарди евра. Тоа е доказ  за расипништвото и неработењето на Владата во изминатите 3 години. Додека во  светот владите преземаат сериозни мерки за справување со здравствената и економската криза, Заев и СДСМ се однесуваат крајно неодговорно, се вели во соопштението.

Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ континуирано укажува на грешките, но за Зоран Заев е поважна суетата и личното богатење.

-Цената на криминалот, корупцијата и неспособноста на Заев, во ваква криза уште поскапо ја плаќаат граѓаните. Република Македонија и македонската економија доживеа вистински колапс. Граѓаните ниту криви, ниту должни ќе мора да го полнат буџетот кој Зоран Заев го испразнил. ВМРО-ДПМНЕ нуди соработка и изнаоѓање решение кое ќе помогне македонската економија да го издржи ударот и да застане на здрави нозе. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање и нејзините тимови може да се стават во функција доколку владата донесе одлука за таква соработка. Во овие моменти политиката и политиканството треба да се тргнат настрана и да се донесат вистински одлуки кои долгорочно ќе ја стабилизираат економијата. ВМРО-ДПМНЕ е спремно да го образложи планот како да се снабдат доволно средства во буџетот за оваа криза да се помине што е можно побезболно. Владата на Република Македонија е на потег да ја прифати пружената рака на ВМРО-ДПМНЕ и да прифати соработка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, „урамниловката" која неколку пати ја спомена Зоран Заев е пример каков што не е запаметен ниту применет во било која европска држава, ниту пак во светот. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека таквиот потег само ќе ја урниса дополнително економијата и ќе го осиромаши народот.

-ВМРО-ДПМНЕ ќе остане рамо до рамо со граѓаните и ќе се бори за заедничко решение кое ќе помогне во оваа тешка ситуација во која се наоѓа Република Македонија. Политиката на страна, да ги спуштиме штитовите и да соработуваме се додека државата не застане на здрави нозе. Животот на граѓаните е пред и над се.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.03.2020 - 10:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега