Заев: Во буџетот ќе недостигаат 2,2 милијарди евра, сега сите мора да стиснеме заби

Подобро сите да стиснеме заби два месеци, со цел секој да може да има приход, отколку да се доведе во прашање генералната исплата на платите. Вака лидерот на СДСМ во интервју за „Фактор“ ги правда предлог мерките за надминување на економската криза од коронавирусот, кои неговата партија минатата недела јавно и ги соопшти на јавноста, а сега очекува за нив да се изјасни и Владата.

Во интервју за Фактор, Зоран Заев, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, искрено говори дека поради кризата, во буџетот на земјава се очекува приходите да се намалат за 60 отсто, што може да значи недостиг од 2,2 милијарди евра. Дури и државата да најде 1,2 милијарди евра преку кредити, една милијарда евра мора да се обезбеди од дома, преку заштеди. Затоа се неопходни овие мерки, меѓу кои намалување на платите на функционерите, но и на сите вработени во јавниот сектор до ниво од минималната плата од 14.500 денари. Заедно со другите предложени мерки, меѓу кои и обезбедување од Владата по една минимална плата за април и мај за вработените во фирмите погодени од крзата, бескаматните кредити, по 7.000 денари помош за домаќинствата чии членови немаат работа или се ангажирани во неформалната економја..., лидерот на СДСМ верува дека е можно да се преброди првиот удар од кризата.

Во интервјуто тој вели дека очекува Владата да ги прифати овие предлози, за кои нагласува дека се само првични и ќе следуваат и нови...

На прашање зошто таков радикален чекор, над 100 илјади луѓе да ги сведе на минималец од 14.500 денари, Заев вели дека товарот треба да го понесеме сите за полесно да се справиме со економската криза.

-Сите наши капацитети и целиот фокус е насочен кон заштита на здравјето на граѓаните и успешно соочување со економските последици од оваа глобална здравствена пандемија. Свесни за сериозноста на ситуацијата, а во духот на солидарноста секој да го понесе товарот за економската криза да трае што пократко, како одговорна партија, како одговорни политичари, подготвивме пакет на сериозни економски мерки.

Целта на овие мерки е да се сочува секое работно место, да им се помогне на работниците, на стопанствотото, на граѓаните и да обезбедиме приход за секој човек. Мерките имаат за цел навремено да им помогнеме и на фирмите, да ја задржиме нивната ликвидност, за да нема отпуштања на работниците и да обезбедиме приход за сите граѓани. Ова ќе ја одржи јавната потрошувачка, но и приходите во буџетот.

Првичната помош е околу 200 милиони евра и ова е само првиот дел од пакет мерките. Имаме мерки за секоја фирма, да не ги отпушта работниците, државата да помогне со 14.500 денари минимална плата. 

Свесни сме дека плаќањето на кредитите  преставува проблем во овој период и токму поради тоа имаме и мерки за одложување на плаќањето на кредити на најмалку три месеци. Се запира и извршувањето.

Вториот дел од предложените мерки се однесува на заштедите, бидејќи, за справување со последиците од економската криза поради коронавирусот ќе бидат потребни и мерки за штедење, бидејќи ќе недостасуваат средства.

Ние оваа економска криза ја дочекуваме на здрави нозе. Во изминатите 2,5 години, преку нашите мерки, успешно ја стабилизиравме македонската економија. Од -1,8 отсто во време на ВМРО-ДПМНЕ, економијата, преку политиките на СДСМ порасна на 3,6 отсто.

Граѓаните мора да знаат дека поради мерките за заштита на здравјето и спречување на ширење на вирусот економиите во целиот свет се во тешка состојба. Вчера беше прогласена и светска рецесија.  Јас знам дека нема да биде лесно, но ние во повеќе наврати во овие 2,5 години покажавме дека можеме да се носиме со сериозни предизвици и ќе покажеме дека можеме да се носиме и со овој глобален предизвик.Поради мерките за заштита на граѓаните, приходите на државата паднаа драстично и ние имаме обврска пред граѓаните да го кажеме тоа, да се знае, но во исто време и да предложиме мерки за амортизација.

Според наши проценки, ќе недостигаат околу 60 отсто од приходите на државата, бидејќи граѓаните не трошат, некои фирми се затворени на одредено време или хибернираат, транспортот е преполовен и нема толкава наплата на ДДВ. Не се плаќаат ниту дел од сметките, бидејќи граѓаните штедат за нивното здравје. Сите овие работи што ги набројав имаат значително влијание на буџетот на државава.

Намалување за 60 отсто на приходите може да значи недостаток на 2,2 милијарди евра за да ги финансираме сите расходи проектирани во Буџетот. Ние и да најдеме 1,2 милијарди преку кредити, сепак ќе треба да скратиме и една милијарда од дома. Тоа е реалноста и јавноста и граѓаните треба ова да го знаат.

Мерките за намалување на платите во јавниот сектор, почнувајќи од премиерот, министрите, директорите, за кратење на непродуктивните трошоци се само еден дел од чекорите за справување со кризата, која ако потрае сигурно ќе не натера и на други чекори.Но тоа е солидарноста, сите заеднички да го понесеме товарот. Оние со повисоки примања солидарно ќе се откажат од поголем дел од платите, оние со помали примања од помалку.Но, за да може секој да добие плата, мора да обезбедиме соодветна ликвидност и полнење на буџетот. Подобро да стиснеме заби два месеци за секој да има приход, отколку да се доведе во прашање генералната исплата на платите.Пак ќе повторам, ние имаме предвидено повеќе месечни олеснувања за граѓаните, како ослободувањето од плаќањето на кредитите, запирање на извршувањата и слично. Сега е време е за солидарност и заедничка акција. Имаме капацитет, имаме знаење, можеме да се избориме со коронавирусот и можеме да се справиме со економските последици, рече Заев во интервју за Фактор.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.03.2020 - 20:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега