Иванов на средби со потенцијалните кинески инвеститори

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во рамки на првиот ден од посетата на Пекинг се сретна со раководствата на три кинески компании, заинтересирани за економска соработка со Македонија.

Се работи за China State Constraction Engineering, најголема градежна компанија во Кина, петта по големина во државата, а десетта во светот, Sinohydro Corporation LTD, која ќе ги гради автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид и нафтената компанија Sesai Jiliajija Petro Chemical Equipment. 

Според информациите до кои стигна МИА, политичкиот дел, односно средбата со неговиот домаќин, кинескиот претседател Џинпинг Си, е закажана за утре.

Раководството на државната градежна компанија, која е вклучена во проектот за вложување 10 милијарди долари за патишта во земјите од Централно европската иницијатива, го информираше претседателот Иванов за нивниот интерес за инвестирање и во Република Македонија.

За таа цел специјален тим на компанијата веќе е во нашата држава и ги разгледува можностите за инфраструктурни проекти.

Македонскиот претседател изрази задоволство од интересот и ги информираше за можностите што ги нудат слободните економски зони и напорите што ги прави Владата за подобар инвестициски амбиент. Стана збор и за проектот Јадранско-Јонска магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8 и 10.

Претседателот на компанијата Синохѕдро го информираше шефот на македонската држава дека сите подготовки за потпишување на договорите со Република Македонија за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид од нивна страна се завршени и се чека одобрувањето од македонскиот Парламент по што започнува реализацијата на проектот.

Иванов изрази задоволство што Македонија веројатно ќе биде прва од државите од ЦЕИ што ќе потпише конкретен договор од проектот „10 милијарди долари“.

Претставниците на Sesai Jiliajija Petro Chemical Equipment го известија претседателот Иванов дека се заинтересирани за инвестирање во слободните економски зони во Македонија за производство на пумпи за бенински и за електронски автоделови.

На средбите со раководствата на кинеските компании претседателот Иванов беше придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.

Инаку, Кина е земја со најбрз економски раст, веќе го презеде второто место на листата најразвиени од Јапонија, а според предвидувањата со континуиран раст може набргу да ги достигне и САД.

Според програмата, претседателот Иванов утре, освен средбата со неговиот домаќин Џинпинг Си, ќе има обраќање на свечениот прием по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, кој ќе се одржи во Салата на мирот во Кинеската асоцијација за пријателство со странски земји. 

По Пекинг, шефот на македонската држава заминува за Ченгду, во провинцијата Сичуан, каде ќе присуствува на свеченото отворање  на 14. Меѓународен форум за Западна Кина, насловен како „Форум за меѓународна соработка на Западна Кина“, кој го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на Централната Влада. На Форумот, на кој ќе учествуваат повеќе државници од светот, претседателот Иванов ќе има обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет“.

Извор: МИА

21.10.2013 - 08:54

најчитано сега