ФФМ ја презема одговорноста за неуспехот - ќе се обидат да го предомислат Пандев

Во „Куќата на фудбалот“ денеска се одржа прес-конференција на која беше соопштено дека Фудбалската федерација на Македонија ја прифати вината за слабите резултати на неодамна завршениот квалификациски циклус за Светското првенство 2014.

- Одигравме неколку добри натпревари, а неколку од нив несреќно ги загубивме, но кога тоа често се случува треба да се направи добра анализа зошто не се освојуваат бодови. Потфрливме во моментите кога требаше да се игра на резултат. Поради тоа треба многу да работиме на создавање победнички менталитет, вербата во себе и способноста да се одговори на големите очекувања на јавноста, а целата одговорност за освојување на последното место ја прифаќаме ние, изјави спортскиот директор на репрезентацијата Петар Милошевски.

За изборот на фудбалерите спортскиот директор ги отфрли сите обвинувања дека некои фудбалери се фаворизираат со цел нивен подобар клупски ангажман.

Милошевски во своето излагање го спомна и Горан Попов.

- ФФМ е свесна за неговите играчки квалитети и поради тоа вратите ќе му бидат секогаш отворени, но тоа бара подготвеност за промена, а Попов не само што не го смени однесувањето, туку не се ни извини. Во два наврати беше повикан од селекторот да се поразговара за неговиот статус и за евентуално негово враќање во репрезентацијата, но тој одби да дојде, информира Милошевски.

Околу репрезентативната иднина на нашите двајца најдобри напаѓачи Горан Пандев и Агим Ибраими, од федерацијата се уверени дека Ибраими и понатаму ќе настапува во „црвено-жолтиот“ дрес, додека за Пандев ќе бидат направени напори да се премисли околу неговата одлука за дефинитивен крај во националниот дрес.

На крајот, Милошевски најави пополнување на селекторското место во најкус можен рок со квалитетен и реномиран тренер кој ќе има долгорочна визија за репрезентативниот фудбал.

Македонската репрезентација квалификацискиот циклус за Мундијалот во Бразил 2014 го заврши на последното место со само седум освоени бодови во конкуренција на шест репрезентации.

21.10.2013 - 13:51
Фото: 
ФФМ

најчитано сега