Николовски: Скандалозен е обидот на Заев и Димитров да сокријат документ со кој се условува датумот за преговори

Гласно го поставувам прашањето дали Заев и Димитров се спроведувачи на проектот за бришење на македонскиот јазик и создавање на нова т.н. „северномакедонска нација”? После ова јасно е дека Македонија не доби датум за почеток на преговори, ниту пак скоро ќе ги почне. За да се спаси криминалот на Заев и кариеризмот на Димитров тие се подготвени на целосно бришење на македонскиот јазик и народ, вели во разговорот за МКД.мк Александар Николовски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ по повод најновото условување на Бугарија за датумот за преговори за Македонија.

Македонија ќе мора да заборави на „македонско малцинство во Бугарија“ и на „македoнски јазик“ и да користи само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања… ако сака да ги продолжи преговорите со ЕУ, се вели во документот до кој дојде МКД.мк. Оваа Изјава на Република Бугарија, која МКД.мк ексклузивно ја објави на 17 април, стана дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и датумот за преговори за Македонија и Албанија. Со ова Бугарија го условува одржувањето на меѓувладината конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија и Албанија.

Нема ништо ново во ставот на Бугарија во однос на македонскиот народ, јазик и малцинство, но оваа изјава на Бугарија стана дел од протоколот за преговарачкиот пакет.

– Ние сме фрапирани што власта, пред сѐ Зоран Заев и Никола Димитров решија да го кријат овој документ од нас, како најголема политичка партија во Македонија и секако од јавноста. Скандалозен е обидот ова да се сокрие. Во една сериозна држава после ваков документ се отвора широка политичка и општествена дебата за да се одговори на истиот, се прави стратегија и се дејствува. Во Македонија ова се крие! Ние за овој документ дознавме од вас како медиум и во таа насока би сакал да ви честитам за отворањето на оваа исклучително значајна тема.

Јасен е одговорот зошто Заев и Димитров ова го кријат. Овој документ е демант на отворена сцена на сите лаги. После ова јасно е дека Македонија не доби датум за почеток на преговори, ниту пак скоро ќе ги почне. Исто така паѓа во вода тезата дека Заев и Димитров решаваат проблеми. Напротив, тие создаваат нови, далеку попроблематични за иднината на Македонија проблеми. За овој документ, неговата содржина во која се брише македонскиот народ, македонското малцинство во соседните држави, како и македонскиот јазик, како и криењето на неговата содржина мора да има политичка одговорност. Па видете до каде нѐ донесе обидот на Заев да се спаси од одговорност за своите криминали и кариеризмот на Димитров. Целосно бришење на македонскиот народ и јазик. После промената на името, ова е финален обид за поништување на македонската држава онаква каква ја познаваме, а генерации ја сонуваа.

На прашање како ќе реагираат и што може да се превземе, Николовски вели дека се уште не се знае.

– ВМРО-ДПМНЕ пред сѐ, не е сѐ уште официјално информирани за ова. Ние сме екскомуницирани од власта за најбитното национално прашање во Македонија. Никола Димитров наместо кога патува во странство времето да го троши на кодошење на ВМРО-ДПМНЕ и барање од своите соговорници да го напаѓаат ВМРО ДПМНЕ, да го трошеше времето на заштита на националните интереси, веројатно ваков документ од Бугарија немаше да има.

Сакам да потсетам дека овој документ е продолжение на Декларацијата на Собранието на Бугарија од октомври минатата година со која декларација се ставија темелите на овој документ кој сега официјално го прифати ЕУ. Со Декларацијата на Собранието на Бугарија се бара да се избрише македонскиот народ и јазик. Тогаш претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложи како одговор на тој бугарски документ да се донесе декларација во Собранието на Македонија со која ќе се одговори на истата и ќе се заштитат македонскиот јазик, народ, како и националното малцинство во соседните земји. Побара истата да биде поддржана од сите релевантни политички парти. Наместо да се отвори дебата за оваа понуда и да се развие заедничка стратегија, добивме комплетно игнорирање од власта. А во последниов месец и криење и лажење на јавноста за новите уцени со кои е соочена Македонија. Нас како држава итно ни е неопходно да создадеме заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност. Овие два документи треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој министер за надворешни, внатрешни и одбрана како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која партија се. Тоа го предлага Мицкоски, но наместо одговор на подадената рака добивме криење и бегање од одговорност, што резултира со национално понижување кој знае кое по ред со Заев и Димитров. За жал ова може да е фатално за државата и народот.

Целото интервју со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, може да го прочитате ТУКА

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.04.2020 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега