Николоски: Заев и Димитров го кријат од јавноста понижувачкиот документ со кој Бугарија отворено го условува датумот за преговори на Македонија

Скандал од невидени размери е документот кој Никола Димитров под патронат на Владата на Заев и Спасовски го кријат од јавноста, а со кој Бугарија отворено го условува за датумот за преговори, обвинува Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

 Тој рече дека Македонија има нов голем проблем во нејзините европски интеграции.

„Од Македонија се бара да се откаже од македонско малцинство, а со тоа и од именувањето на македонскиот народ како македонски, затоа што малцинствата во соседните држави е нераскинлив дел од македонскиот народ, како и да се откаже од македoнскиот јазик и да користи само т.н. „службен јазик на Република Македонија“, исто така ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања ако Македонија сака да продолжи со преговорите со ЕУ, помеѓу другото се вели во документот кој стана дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и без кој нема датум за преговори за Македонија. Со имплементацијата на одредбите на овој документ се условува одржувањето на првата меѓувладина конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Ако го прифати ова македонската влада по сменетото име, ќе треба да се откаже од македонско малцинство, од македонскиот јазик, а и од голем дел од македонската историја. Со цел овој документ да не се крие од јавноста денес го презентирам пред сите вас. Во заклучоците на Советот на Европската Унија јасно стои дека изјавата на Бугарската делегација е составен дел од одлуката, а истата исто така ја приложувам содржината на овој понижувачки документ. Се со цел, да нема криење еве го јавно пред сите.“ рече Николовски.

Потенцираше дека со ова Зоран Заев, Никола Димитров, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска влегуваат во проект за редефинирање, односно создавање на новата т.н.  севереномакедонска нација и целосно откажување од се што е македонско.

„Ова е целосна капитулација на политиките на Зоран Заев. Ќе потсетам оваа влада својата политика ја темелеше на три постулати. Во економијата дека ќе донесе живот. Резултатот еве го гледаме, не само што не блескаме туку имаме огромна буџетска дупка што е директна последица на криминалната и недомаќинска политика на Заев. Вториот постулат им беше дека ќе го решат спорот со името за да одиме во ЕУ. Името го сменија, ама немаме заокружен датум за преговори. И третиот постулат беше дека отвораат пријателства и решаваат проблеми, а сега гледаме не само што не решаваат проблеми туку создаваат нови уште со уште потешки последици за националните интереси на Македонија кои што водат до национални неуспеси и порази.

И сакам да нагласам дека вината не ја бараме ниту во соседите, ниту пак во некој меѓународен фактор. Едноставно е, проценија дека Заев има цена и за него за се може лесно да се договора и да го добијат, а сето тоа на штета на македонските национални интереси.

Огромен скандал е што за ова молчи и Стево Пендаровски кој после неколку недели излезе со став во македонската јавност целосно релативизирајќи го овој скандал, цитирам дека изјавата го истакнува ставот на една земја, а не на заедничкиот став на ЕУ. Ова е целосно погрешно бидејќи од пред некој ден овој услов на источниот сосед стана дел и од официјалните документи на ЕУ, кои што ги приложувам со овој прес. Второ што сакам да го нагласам е да не се релативизира овој неуспех. Затоа што и претходно овие исти ликови не убедуваа дека спорот за името беше билатерално прашање кое еве како што гледаме како заврши на штета на Република Македонија. Трето и не помалку важно, претседателот на државата има ингеренции во надворешната политика. Прашањето е зошто тој со недели молчел за овој документ. Ако знаел тогаш зошто не превземал нешто. Ако не знаел тогаш зошто и кој го криел тоа од него? Овие се прашања на кои што очекуваме одговори од Владата и од претседателот на државата“ рече Николовски на прес конференција за новинарите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.04.2020 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега