Тања Каракамишева: Вонредната состојба како параван на власта за арбитрерно и самоволно политичко делување

Целата политичка активност на власта во моментов е фокусирана на тоа како повторно да ги свика пратениците во Собранието, но не за како што ја замајуваат јавноста дека тоа се прави единствено да бидат потврдени одлуките на Пендаровски согласно Уставот и за да се распишат новите парламентарни избори, туку единствено и само за да ги потврдат одлуките на претседателот Пендаровски и за да ги потврдат неуставните уредби со законска сила што владата ги носи во вонредна состојба, вели Проф. д-р, Тања Каракамишева- Јовановска во интервју за Прес24.

Таа вели дека власта е свесна дека направи многу грешки, своеволни активности и повреди во овој период што можат да бидат основ за покренување евентуална одговорност од страна на новото парламентарно мнозинство кое би дошло на власт по изборите, па токму затоа брза да ги потврди сите неуставни и незаконски донесени акти со цел да се „испере“ од одговорност.

-И тука не би се согласила со вас дека е важно дали опозицијата се согласила или не се согласила со носењето на одлуките на Пендаровски. Во конкретниот случај поважно е дека претседателот Пендаровски со втората одлука го прекрши Уставот, и дека за тоа ќе може да се отвори постапка на импичмент од страна на некое ново парламентарно мнозинство, вели Каракамишева-Јовановска во интервјуто.

ПРЕС24: Владеачката партија покрена инцијатива за враќање на Собранието. 35 потписи од пратеници се доставени до претседателот на Собранието. Зошто сега се покренува оваа инцијатива, а не да речеме на почетокот од оваа пандемиска криза, пред претстедателот Пендаровски да ја прогласи првата вонредна состојба?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Во случајов може да се забележи прозирна политичка калкулација и игра на власта посебно ако се земат во предвид два факта.

Првиот е дека власта реално не даде ниту најмала шанса на можноста да се воведе кризна состојба на целата држава пред да се оди на варијантата прогласување вонредна состојба. Практично власта од самиот почеток не веруваше ниту во сопствениот, а уште помалку во државниот капацитет на системот за управување со кризи кој самата го менаџира и веднаш премина на вонредна состојба, односно на свој, владин терен.

Вториот факт е дека власта уште од самиот почеток не веруваше во уставноста на решението за враќање на пратениците во самораспуштено собрание поради што оваа „можност“ ја остави како последна варијанта за сопствен спас. Ако беа убедени дека самораспуштеното Собрание може повторно да заседава зошто ваква иницијатива не поднесоа од самиот почеток на пандемијата, односно пред 18. март кога претседателот Пендаровски ја донесе првата одлука за прогласување на вонредна состојба, туку решија да тактизираат.

Првиот одговор на ова прашање е дека власта знае дека враќање на самораспуштено Собрание е невозможна мисија, освен во случај ако Уставниот суд не ја поништи одлуката за нивно самораспуштање, иако за мене и таквата можност е уставно и деловнички спорна. Тоа видовме дека нема да се случи, затоа што Уставниот суд донесе решение да не поведе постапка по поднесената иницијатива на Тодор Петров со која се напаѓаше одлуката на Собранието.

Второ, власта е свесна дека за Собранието да прогласи вонредна состојба потребно му е 2/3 мнозинство од вкупниот број пратеници кои би гласале за таквата одлука. Власта знае дека во овој момент не може да обезбеди двотретинско мнозинство од пратениците поради што се одлучи да отиде на полесната варијанта, односно претседателот Пендаровски да прогласи вонредна состојба.

Практично во оваа нивна политичка игра се гледа обично политичко калкулантство добро познато на јавноста со матрицата „ние да се обидеме, ако пројде добро, ако не пак ништо“. И СДС знаат дека не постои правна можност да се врати во заседание самораспуштено собрание.       

ПРЕС24: Сепак македонската политичка пракса познава враќање на самораспуштено Собрание. Таков беше случајот во 2016 година?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Не би сакала да ги мешаме овие два случаи, а најмалку правно да ги поистоветуваме.

Во 2016 година Уставниот суд донесе одлука да ја поништи одлуката за самораспуштање на Собранието поради тоа што таа одлука беше донесена со одложено дејство. Имено, Собранието на Република Македонија на 87-та седница одржана на 18.01.2016 година донесе одлука за негово распуштање заземајќи став дека ваквата одлука ќе произведе одложено правно дејство, односно ќе се применува од 24.02.2016 година. Дополнително, Собранието на Република Македонија на 95-та седница одржана на 23.02.2016 година ја измени оваа одлука на начин што претходно утврдениот датум на самораспуштање го промени.

Во изменетата одлука за самораспуштање, донесена на 23.02.2016 година беше определено ново одложно дејство, сметано од 07.04.2016 година.

Во образложението на одлуката на Уставниот суд јасно се вели дека „Во Уставот на Република Македонија не е експлицитно уредено прашањето за одложното важење на Одлуката за распуштање на Собранието. Отсуството на конкретна регулатива за ваков случај не може да се толкува дека ваквото решение е допуштено со одлука на Собранието, како во случајов, а особено имајќи ја предвид сериозноста и можните последици. Исто така, со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста. Според тоа не може да постои какво било одлагање на распуштање на Собранието, а со тоа и одложено губење на мандатот на пратениците“.

Понатаму, Уставниот суд во одлуката констатира дека Собранието продолжило да работи во својот полн капацитет во периодот од 19.01.2016 година кога е донесена првата Одлука за самораспуштање со одложно дејство, па се до 07.04.2016 година кога Собранието фактички се самораспушти.

При тоа, одложеното дејство на распуштањето на Собранието, како највисоко избрано претставничко тело на државата кое има законодавна надлежност, не може да се поистоветува или компарира со одложеното дејство на законите или други нормативни акти.

Според членот 63 став 3 од Уставот на Република Македонија скратениот рок за вонредни парламентарни избори (60 дена) не трпи одлагање, а мандатот на пратениците не може да продолжи во случај на самораспуштање на Собранието, надвор од условите утврдени во членот 63 став 4 од Уставот, од каде Судот утврди дека со оспорената одлука се прави повреда на членот 63 ставовите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.

Во оваа прилика би сакала да се произнесам токму во однос на овој дел од одлуката на Уставниот суд, бидејќи гледаме дека некои експерти ги брифираат новинарите дека токму зборовите „надвор од условите утврдени во чл. 63, став 4 од Уставот“ се уставниот основ за можноста пратениците повторно да се вратат во Собранието, што не е точно.

Имено, уставните судии во целата одлука од 2016 година јасно потврдуваат дека мандатот на пратениците не може да продолжи во случај на самораспуштање на Собранието. Ако тие сметале поинаку тогаш веројатно во реченицата наместо „надвор од условите“ ќе напишале „освен во случаите утврдени во чл. 63, став 4 од Уставот“ со што на јасен начин ќе се изјасниле и за таквата можност.

Но, тие се одлучиле на формулацијата „надвор од условите утврдени во чл. 63, став 4 од Уставот“ затоа што Уставот секако дозволува „мандатот на пратениците во Собранието да може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“ што како можност не може да се однесува на оваа ситуација кога пратениците самоиницијативно и доброволно го самораспуштиле Собранието, туку за ситуации надвор од овие услови, односно кога Собранието работи, односно е во редовно заседание. Ако пратениците можат да го вратат мандатот во услови кога се распуштиле, тоа како можност би довело до правна несигурност и повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, бидејќи Собранието на Република Македонија е должно да ги почитува Уставот и законите, што овде не би бил случај.

Со оглед дека Одлуката на Собранието за самораспуштање од 16.2.2020 година е чиста, и не е донесена со таква правна околност на одложено дејство, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија (‘Службен весник на Република Северна Македонија’ бр.43/2020“) иако таквото решение се уште не е објавено на веб страната на Судот.     

 ПРЕС24: Пендаровски прогласи две последователни вонредни состојби во траење од по 30 дена иако Уставот дефинира дека вонредна состојба Претседателот може да прогласи максимум 30 дена. Уставот не познава продолжување на вонредната состојба, но тоа што го имаме сега реално е продолжување?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Член 125, став 3 од Уставот е прецизен „Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена“.

Став 4 од истиот член понатаму допрецизира дека „Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане“.

Зошто Уставот вели дека одлуката за постоење вонредна состојба има важност најмногу 30 дена и зошто вонредната состојба е ограничена на најмногу 30 дена? Европските стандарди во однос на вонредната состојба прецизно наведени во компилацијата на мислења за вонредната состојба донесени од страна на Венецијанската комисија (COMPILATION OF VENICE COMMISSION OPINIONS AND REPORTS  ON STATES OF EMERGENCY, CDL – PI (2020) 003, 16 April, 2020), како и уставите на сите демократски држави, се на линија на одбрана на временското ограничување на вонредната состојба, временско стеснување на државните активности во време на вонредна состојба со цел поголема мобилизација на сите ресурси во насока да се најде најбрз и најефикасен начин државата да се справи со епидемиите, последиците од природните непогоди и слично. Брзината и ефикасноста на државните органи во време на вонредна состојба е клучна, затоа што ограничувањата на човековите права и слободи не смеат да се случуваат до недоглед, и затоа што колку времето за справување со кризата се пролонгира, толку државата остава простор за засилена арбитрерност и политичко самоволие на нејзините органи. При тоа, не треба да заборавиме дека владеењето на правото е траен столб и трајна вредност врз која опстојува и функционира секоја демократска држава, а вонредната состојба е временски ограничена состојба во државата во која поради појава на вонредни околности таа е принудена да делува брзо и ефикасно со цел менаџирање на ризиците и справување со опасноста што и се заканува на нацијата. И покрај посебноста на моментите на политичко, економско и правно делување на државата во вонредна состојба поради потребата од преземање интервентни активности, државата сепак е обврзана да делува во согласност со владеењето на правото. И покрај ова генерално прифатено правило, во практиката често пати гледаме дека вонредната состојба создава правила и активности што се на работ на законитоста, а во многу случаи се префрлаат и на другата страна, на страната на незаконитоста. Во бројни примери вонредната состојба го предизвикува владеењето на правото, бидејќи власта креира квази-правен терен на кој не се почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори и каде вонредната состојба арбитрерно се поставува над владеењето на правото.

Македонија во моментов па се до 16 мај, 2020г., со две посебни одлуки потпишани од претседателот на Републиката, се наоѓа во вонредна состојба. И ако со првата одлука, претседателот на Републиката беше на линија на Уставот, со втората се најде на „другата“ страна од „правниот брег“. Во меѓувреме, поради самораспуштеното Собрание на 16.2.2020г, владата ја презеде законската активност. До сега донесе над 120 уредби со законска сила, од кои најголемиот дел, некои велат 2/3 од уредбите, воопшто не се однесуваат на прашања поврзани со вонредната состојба. Владеењето на правото е секојдневно предизвикано поради арбитрерното однесување на извршната власт. Човековите права и слободи неуставно се ограничуваат и флагрантно се кршат со владини уредби со законска сила. Со уредбите дури се кршат и меѓународните договори за човековите права, како што е Европската конвенција за човековите права и слободи, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и слично.

Од друга страна гледаме дека Уставниот суд споро и нецелосно ја контролира состојбата на терен. И покрај неколкуте уредби со законска сила за кои реши да поведе постапка, сепак не е на висината на задачата во одбрана на уставно-правниот систем на државата и човековите права и слободи.

ПРЕС24: Дали во позадина на идејата за свикување на Парламентот се крие обид да се легализира втората вонредна состојба. Собранието кога ќе се состане треба да ја потврди одлуката на Претседателот за вонредна состојба. За првата одлука има согласност од опозицијата и таа веројатно би ја потврдил и некој следен Парламент, но за втората нема? Што ќе се случи ако Собранието, овој состав, или следниот не ја потврди втората одлука на Претседателот за вонредната состојба?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Да, токму така. Целата политичка активност на власта во моментов е фокусирана на тоа како повторно да ги свика пратениците во Собранието, но не за како што ја замајуваат јавноста дека тоа се прави единствено да бидат потврдени одлуките на Пендаровски согласно Уставот и за да се распишат новите парламентарни избори, туку единствено и само за да ги потврдат одлуките на претседателот Пендаровски и за да ги потврдат неуставните уредби со законска сила што владата ги носи во вонредна состојба.

Власта е свесна дека направи многу грешки, своеволни активности и повреди во овој период што можат да бидат основ за покренување евентуална одговорност од страна на новото парламентарно мнозинство кое би дошло на власт по изборите, па токму затоа брза да ги потврди сите неуставни и незаконски донесени акти со цел да се „испере“ од одговорност. И тука не би се согласила со вас дека е важно дали опозицијата се согласила или не се согласила со носењето на одлуките на Пендаровски. Во конкретниот случај поважно е дека претседателот Пендаровски со втората одлука го прекрши Уставот, и дека за тоа ќе може да се отвори постапка на импичмент од страна на некое ново парламентарно мнозинство.

Интересно е што и во двете одлуки на претседателот Пендаровски е наведено дека истите ги носи врз основа на предлог на владата, што е обид на претседателот да ја покрие сопствената одговорност повикувајќи се на предлогот на владата. Претседателот треба да знае дека одлуките ги носи и ги потпишува самостојно. Тој може во одлуките да стави што сака, дека се консултирал со Советот за национална безбедност, дека бил под притисок на предлогот на владата и слично, но сето тоа, сите тие факти не можат да му ја намалат личната одговорност при носењето на двете одлуки.

Во Уставот не стои дека одлуките за вонредна состојба се носат на предлог на владата, уште помалку дека за нив претседателот соодлучува со владата или со Советот за национална безбедност. Оттука, целата тежина на одговорноста, посебно за втората донесена одлука паѓа на претседателот Пендаровски. И сега тука можат да се редат и други политички прашања што се релевантни во овој момент-дали СДС го злоупотреби претседателот Пендаровски и дали намерно не го намести на ваков „политички пенал“ свесно жртвувајќи ја неговата позиција, дали тоа не е резултат на некакви внатре-партиски превирања кои се се погласни во СДС, зошто СДС сака да го жртвува претседателот Пендаровски?            

ПРЕС24: Пред Уставниот суд за вторник на дневен ред се шест уредби кои ги донесе Владата. Неблагодарно е да се типува што ќе одлучат уставните судии, но сепак ако некои од тие уредби бидат поништени, како тоа ќе се рефлектира?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Уставниот суд како што споменав и погоре, во овој период е мошне спор, недоволно активен и не е на висината на задачата што му е утврдена како обврска во Уставот, да делува како чувар на Уставот и да се грижи за уставноста на донесените акти посебно во време на вонредна состојба.

Во нивното штуро соопштение за јавноста  од 15. април може да се прочита дека до сега уставните судии „утврдиле динамика на работа во однос на поднесените иницијативи до Судот“, и дека по однос на уредбата со законска сила која се однесува на вработените во СЈО е оформен предмет по претходно поднесена иницијатива од политичка партија.

Судот ниту е доволно транспарентен во овие моменти, ниту има активизам потребен за времето во кое се наоѓаме. Хипотетички, ако Судот на крај одлучи да ги поништи уредбите кои во моментов ги рагледува, тоа ќе значи нивно бришење од правниот промет, односно состојбите би се вратиле назад, исто како и да не постоеле овие уредби. Кога се поништува одреден акт од страна на Уставниот суд се поништуваат сите правни последици кои актот ги произвел.    

ПРЕС24: Во овој период беа донесени бројни уредби со законска сила. Антикорупциската комисија најави нивно преиспитување, имате ли Вие анализа некоја околу тоа дали и колку од овие Уредби се во функција на справување со оваа криза?

 КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Факт е дека голем дел од донесените уредби со законска сила немаат никаква поврзаност со вонредната состојба, а надлежноста на владата да донесува вакви уредби е злоупотребена за други цели. Еве на пример, нека каже владата или кој било од власта каква врска со вонредната состојба има уредбата за исплата на јавнообвинителските службеници, извршителите од поранешното СЈО. Образложението на министерката за правда дека уредбата се носи сега за да се избегнат судските трошоци и трошоците поврзани со побарувања на странките на камати поради неисплатени обврски на државата кон нив нема никаква врска со вонредната состојба, бидејќи за тие прашања министерството требало да мисли на време, а не во време на вонредна состојба.

Понатаму, владата донесе уредба со законска сила за примена на законот за минерални суровини за време на вонредна состојба, со која меѓу другото, се регулира прашањето на доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, за склучување договор за експлоатација на минерални суровини по влегувањето во сила на одлуката за доделување на концесија???

Дали на некому од власта му се брза да склучува договори за доделување концесија и договори за експлоатација на минерални суровини во време на вонредна состојба? Многу чудно, но и загрижувачки.

Понатаму, владата донесе уредба за прашања поврзани со изборниот процес со која уредба се прекинаа сите изборни дејствија и со која владата ја задолжи ДИК да ги продолжи изборните дејствија таму каде што застанале од денот на престанокот на вонредната состојба? Мошне правно проблематична уредба од неколку причини: прво, владата ниту според Уставот, ниту според Изборниот законик, нема никакви надлежности да се меша во менаџирањето на изборните дејствија. Иако оваа техничка влада е влада за спроведување на избори, сепак, тоа не и дава за право да навлегува во прашања што не се нејзина надлежност. Ниту денот на распишувањето на изборите е надлежност на владата, ниту спроведувањето и организирањето на изборните дејствија е во нејзина надлежност. Владата нема право да и наложува на ДИК кога да го направи изборниот роковник и како истиот да го димензионира во услови кога не е познат новиот изборен ден. А ДИК не може да знае кој е новиот изборен ден, кога неговото утврдување е во рацете на претседателот на Собранието, кој е единствен надлежен орган за распишување на изборите.

Понатаму, владата донесе уредба за примена на законот за работните односи за време на вонредната состојба со многу спорни и дискримитарни одредби. Верувајте можам да редам многу спорни уредби, но еве како за последна во низата би сакала да ја истакнам уредбата за примена на законот за тутун, производи од тутун и сродни производи (*). Кои се сродните производи од тутун, оставам јавноста да процени, и каква врска имаат тие со вонредната состојба.

ПРЕС24: Лидерот на опозицијата побара лидерска средба, Кабинетот на шефот на државата најави дека ќе ја свика. Што може да се очекува од нејзе? Кога реално би можеле да бидат организирани изборите кои беа прекинати поради кризата и како тоа правно би се извело, ако не се состане повторно Парламентот?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Лидерски средби порано беа свикувани и за помалку важни прашања. Сега, во услови кога лидерите на партиите имаат многу за што да поразговараат мислам дека е добро таа средба да се случи во најкус можен период. Не знам каква ќе биде агендата на лидерската средба и кои се прашања ќе се најдат на неа, но генерално мојот став околу дијалогот и отворениот разговор меѓу власта и опозицијата е секогаш позитивен, бидејќи само преку дијалог политиката е можна. Средбата веројатно ќе биде искористена, меѓу другото, и за дефинирање нов изборен ден како прашање кое има исклучително политичка важност и до сега било постигнувано со меѓупартиски консензус. Очекувам дека и овојпат партиите ќе најдат заеднички прифатлив изборен ден кој ниту ќе биде пребрз, ниту предалечен.  Во услови кога граѓаните се уште се борат со последиците од пандемијата, но и во насока на почитување на ставот на Венецијанската комисија, па и на нашиот Устав, дека пред истекот на 60 дена од вонредната состојба не треба да се размислува за избори, очекувам партиите да бидат разумни и да ги почитуваат овие стандарди.

Од друга страна, летните месеци не се погодни за одржување избори и од причина што тоа е период на летни одмори. По мене најоптимално време за одржување на избори е месец септември, што како термин би се поклопил со терминот за редовно одржување на изборите, односно 90 дена од денот на одржувањето на последните парламентарни избори. Тие се одржаа на 11.12.2016, што значи дека 11.9.2020 година би бил крајниот рок за одржување на редовни парламентарни избори.    

ПРЕС24: Што станува со веќе поднесените листи, избирачкиот список, веројатно поради оваа пандемиска криза ќе треба да се дефинираат и некои законски одредби околу начинот на организирање на денот на гласањето од аспект на заштита на луѓето. Кој и како тоа ќе го дефинира?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: По утврдувањето на новиот изборен ден ДИК практично ќе треба да ги започне сите изборни активности од почеток. Потребно е ново ажурирање на Избирачкиот список, бидејќи во меѓувреме имаме многу граѓани кои наполниле 18 години и добиваат право на глас по Устав. Неправедно и неуставно би било на овие лица да им се одземе правото да гласаат поради тоа што ДИК немал можност да направи ново ажурирање на Избирачкиот список. Како што стојат работите, ако доследно се применува уредбата на владата, ДИК треба да продолжи таму каде што застанале изборните дејствија до носењето на уредбата, што практично значи дека ДИК нема да има можност да го ажурира списокот. Ажурирањето е важно и за прочистување, односно бришење од списокот на лицата кои во периодот починале. Потребно е повторно да се запишат лицата кои се вратени во државата и кои сакаат да го остварат правото на глас во земјата. Станува збор за голема бројка на лица кои поради пандемијата се вратија во Македонија.

Понатаму, треба да се спомене и фактот дека по престанокот на вонредната состојба, уредбите со законска сила престануваат да важат. Ова значи дека ДИК откако ќе престане вонредната состојба не е обврзана да ја следи уредбата со законска сила на владата, односно ќе мора да го почитува Изборниот законик. Законикот не познава институти како „прекинување“ и „продолжување“ на изборни дејствија поради што истите ќе мора да се вратат од почеток. Откако ќе биде утврден нов изборен ден, ДИК е должен да направи нов изборен роковник по кој ќе ги утврди роковите за сите со закон утврдени изборни дејствија. Во однос на поднесените пратенички листи ДИК ќе мора да ја испита нивната валидност и да заземе став дали ќе ги прифати веќе поднесените или ќе бара поднесување на нови.  

Во однос на евентуалните мерки за заштита на здравјето на гласачите, ДИК има право да донесе упатства за гласање на избирачките места согласно актите кои би останале во важност и по вонредната состојба. Имено, јасно е дека откако ќе истече вонредната состојба владата ќе мора и натаму да ги применува мерките за заштита на населението и превенција на граѓаните од пандемијата согласно постојниот Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за заштита и спасување на населението, но и согласно Законот за управување со кризи. Не може да се очекува дека веднаш по престанокот на вонредната состојба се ќе се нормализира и ќе се доведат сите работи во нормален ред. Еден период ќе биде потребен за адаптација, но и за засилена превенција.  Потребно ќе биде будно следење на состојбите и преземање конкретни активности во насока на заштита на здравјето на граѓаните и по истекот на вонредната состојба.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.04.2020 - 17:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега