Димовски: Белград и Софија, некогаш повеќе, некогаш помалку, се слепи или збунети слуги на Атина

Да беше Македонија населена со Бугари, Софија немаше да потпише поклон на Грција во 1913 година. Да беше Македонија населена со Срби, Белград немаше да потпише поклон на Грција во 1913 година. За жал, и Белград и Софија, некогаш повеќе, некогаш помалку, се слепи или збунети слуги на Атина, на сметка на македонското словенско население во Македонија, пишува Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ на Фејсбук во анализа на актуелните македонско – бугарски толкувања на историските факти што покренаа лавина од реакции.

Во продолжение анализата на Димовски ви ја пренесуваме во целост:

„Тоа што Бугарија нема спор со Грција за „словенското население” во Егејска Македонија, тоа што не бараат/ле јазични, културни и идентитетски права за нашите луѓе таму, кои се исти како нас и по јазик и по песни и традиции и архитектура, е тоа зборува дека нивниот однос кон нас не е зошто мислат дека сме Бугари, туку зошто мислат дека сме слаби.

Како и многупати до сега, браќата Бугари и браќата Срби, за ортак, партнер и сојузник ги бираат „несловенските” Грци на сметка, нели, на нас „неосвестените Бугари” и „јужните Срби”.

Во време на предилинденскиот период кога бугарската и српската пропаганда создаваа бугарско и српско население низ словенските села и градови во Македонија, населението, народот овде, без своја црква, без свои попови, без свои даскали, без свои манастири и книжарници, создаде мисла и идеја за политичка, културна и идентитетска различност токму од овие кои ја имале целата културна, образовна и религиозна власт (со амин на Портата) низ Македонија, се удираа темелите на модерната идеја за Македонија и се втелуваше идејата за засебноста на македонското население како засебен словенски народ, различен од „братските” словенски соседи.

Е, и тогаш имало луѓе вакви и секакви. Имало и што не ги интересира ни род, ни вера, имало луѓе што мениле и род и вера, имало попови на бакни рака во Софија, на бакни рака во Белград, па и во Света Гора, имало студенти во Софија, Белград, имало трговци, имало прислужници, имало на платен список на Егзархијата, ама и на Патријаршијата, имало даскали со по две или три капи, имало и чорбаџии со повеќе… Исто како денес.

Дали сме биле некогаш исто? Глупаво прашање, зошто по истата логика Германците може да тврдат дека Англичаните се Германци, а Англичаните да тврдат дека Данците се Англичани…

Многу одамна, и ние Македонците и Бугарите и Србите и Хрватите, сите јужни Словени сме потекнувале од иста јазична и културна заедница. Па да не се границите и модерно кодифицираните литературни јазици на модерните словенски држави никаде нема да најдете реска јазична граница одејќи од Одрин/Едрене до Марибор.. Исто и со песните и традициите, зар има реска граница помеѓу бугарскиот и српскиот фолклор, помеѓу српскиот и хрватскиот, помеѓу хрватскиот и словенечкиот… нема, селата преку границите живееле во исти држави многу, многу подолго од новите балкански граници од 19 и 20 век. Денес во хрватскиот јазик има зборови што ги има и во македонскиот, а ги нема во српскиот. Денес во српскиот јазик има зборови што ги има во бугарскиот, а ги нема во македонскиот…

Да беше Македонија населена со Бугари, Софија немаше да потпише поклон на Грција во 1913 година.

Да беше Македонија населена со Срби, Белград немаше да потпише поклон на Грција во 1913 година.

За жал, и Белград и Софија, некогаш повеќе, некогаш помалку, се слепи или збунети слуги на Атина, на сметка на македонското словенско население во Македонија.

Овој пат Софија, последниве неколку години е шампион на натпреварот за гркофилство. Поголеми гркофили и од нашиве дома, во Македонија. Се што направија, направија на штета на своите „словенски браќа” во Македонија.

Плевнелиев, Борисов, Радев ќе добијат тапкање по рамо во Атина, како што добиваа нивните претходници на почетокот на дваесетиот век и за тоа тапкање ќе ги жртвуваат, тогаш пред 100 и кусур години „Бугарите” (како што тие велат) во Егејска Македонија, денес ќе ги блокираат и ќе им се силат на, нели, своите „браќа Бугари” (како што тие мислат) во Вардарска Македонија.

Штета што во Софија нема искрена братска љубов кон нас и кон нашата борба за Македонија. Да ја имаше се ќе беше различно и во 1903 и во 1913 и во 2019/2020 година.

Во Софија има ум и разум, има мисла која е братска, но не е оваа. И Бугарите и Србите ни се блиски, но треба да им кажеме дека како на „помал брат” ни треба нам поддршка. Во кавгата со нас за меѓата, тие се соортачија со комшиите на штета на „помалиот свој брат” како што милуваат да не наречат.

Историјата е корисна кога е алатка и методолошка патека за иднината. Политиката на Бугарија кон Македонија им донесе илјадници жртви низ балканските и светските војни и никаква придобивка.

Единствени кои добија придобивки од бугарската политика кон Македонија се заговорниците на грчката „мегали” идеја. Се надевам дека нема да ги повторуваат грешките по патеките низ иднината.“, пишува Димовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.05.2020 - 11:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега