Сугарески: Капиталните инвестици ќе добијат посилно темпо во мај и јуни

Реализацвијата на капиталните инвестиции во патната инфраструктура во земјава одлично се одвива, а така ќе биде и во мај и јуни, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов денеска беше на увид на завршните работи на 15-ина километри рехабилитација на регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола.

Според Сугарески посилна ќе биде реализацијата во мај и јуни.

-Имаме интензивна динамика на активности преку ЈП за државни патишта и преку Министерството за транспорт и врски за проектите поврзани со водоводи, канализации, гасификација и социјални станови. Динамиката добро се одвива и покрај здравствената криза. Сметам дека реализација на капиталните инвестиции во овие два месеца, мај и јуни, ќе биде посилна, изјави Сугарески

Регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола кој првпат се рехабилитира  по повеќе од пет децении предвремено може да биде завршен, а паралелно се работи на другата инфраструктура во регионот, особено на рехабилитацијата на околу 10 километри од Фариш-Дреново на патниот правец Градско-Прилеп.

-Регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола исклучително е битен пат за пелагонискиот регион. Останува уште за скоро време да бидат поставени оградите и до крајот на овој месец да биде завршен овој пат. Освен тоа очекуваме комплетно да биде завршена делницата Фариш-Дреново на патниот правец Градско-Прилеп. Поставен е првиот слој на асфалтот, останува да се постави вториот слој. Станува збор за 10-ина километри и очекуваме за 10 до 12 дена целосно да биде завршена рехабилитацијата на оваа делница.

Мај и јуни се месеци, особено јуни, за распишување тендери.

-За брзо ќе биде распишан тендерот за делницата од Фариш до Прилеп од 19 километри. паралелно ќе биде распишан тендер за проширување на оваа делница каде нема трета лента за што се обезбедени средства од ИПА програмата. Во прашање се четири километри. Што се однесува до 70-ина проценти кои треба да се работат на експресниот пат од Фариш до Дреново, во јуни ќе биде распишан тендерот, рече Сугарески.

Интензивно се работи на рехабилитацијата на патот Лагово-Мариово. Во прашање се околу 8 километри и асфалтирањето се очекува да заврши во јуни. Паралено, продолжува и гасификацијата. Направени се 87 проценти од кракот Неготино-Кавадарци-Прилеп до Битола, а треба да биде завршен кракот од Скопје преку Тетово до Гостивар.

Според Сугарески се што е зацртано како програма се реализира. Инаку, патот од Прилеп до Битола е во функција, а се очекува да завршат работите на изградбата на клучката што ја поврзува Технолошко-развојната зона.

Сугарески уште еднаш апелира до граѓаните да не купувата авиобилети зашто уште не е донесена одлука за отворање на аеродромите. Се чека што ќе предложи Комисијата за заразни болести.

Објаснувајќи ги деталите, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов нагласува дека поредвремено се завршуваат работите на регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола.

-По околу 55 години се рехабилитира регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола. Работите на патот почнаа есеноска, крајниот рок е август годинава, но ние ги завршивме 15,5-те километри од патот што е речиси половината. Има проширување до шест, а на некои завои до осум метри. Се местат банкините, завршена е сигнализацијата и деновиве се поставуваат последните од 600 метри еластична ограда. На Градежниот факултет се работи проектната задача за автопатот Прилеп-Битола. Па кога ќе се изгради автопатот овој пат ќе биде корисна алтернатива за сообраќајот од пелагонискиот регион, вели Китанов.

Делот што се рехабилитира од 10 километри околу Фариш на патот Градско-Прилеп , ќе биде готов околу 20 мај. Дотогаш ќе се поставува вториот слој.

Китанов нагласува дека темелно се проектираат патиштата, особено патот Градско-Прилеп, па и експресниот за да нема проблеми откако се ќе се изгради.

Ова е период на објавување тендери. Кон крајот на мај ќе се објави тендерот за патниот правец Крушево-Кривогаштани. Редовната постапка се спроведува преку „Македонија пат“.

-Инаку, 2019 година ја завршивме работно и турболентно: со изградба и со рехабилитација на патни правци во земјава, особено на автопатиштата. Решени се ситуациите со експроријација. Најбрзо се гради на експресниот патен правец Штип-Радовиш каде реализацијата е дури 90 отсто. Рокот е до мај наредната година и тврдам дека до нова година ќе биде завршен, освен некои екстремни временски ситуации да попречат, објаснува директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Китанов нагласува дека работите не доцнат, туку се внимава на правилната изградба и долгорочното решавање на косините и свлечиштата на патните правци. Најдобар пример за решавање на овие проблеми е патот Демир Капија-Смоквица.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.05.2020 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега