Непочитување на полициски час во Дебар, Битола и Кичево

Граѓани од Битола, Кичево и Дебар ќе треба да плата парични казни откако го прекршиле полицискиот час.

Битолското обвинителство поднесе предлози за казнување на тројца граѓани поради прекршување на полицискиот час во овој град.

ОЈО Битола поднесе два предлога за издавање на казнени налози против три лица за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ според член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Со нив на Судот му предложи за обвинетите да изрече парични казни од по  100 дневни глоби со висина   на една дневна глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност.

Сите предлози за издавање на казнени налози се заради прекршување на полицискиот час, односно за непостапување по Одлуката за  забрана за движење, соопштија од Обвинителството.

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, ОВР Кичево поднесе кривична пријава против К.М.(65) од Кичево, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Тој објасни дека лицето на 20 април годинава во 11 часот, затекнат е на булеварот „Ослободување“ во Кичево и при извршена контрола, полициските службеници констатирале дека нема соодветна дозвола за движење за време на полицискиот час, издадена од надлежен орган и не ја почитувал одлуката за забрана на движење на населението во периодот од 16 часот на 17 април до 05 часот на утро на 21април. 

Петмина пак дебрани заработија кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Според портпаролот на Секторот за внатрешни работи од Охрид, Стефан Димоски, Одделението за внатрешни работи од Дебар поднело кривични пријави против С.П.(24) Р.П.(28) К.В.(20) Е.М.(40) и С.П.(35) сите од Дебар.

-Споменатите лица, во периодот од 29-ти минатиот до 3-ти овој месец, биле затекнати на улиците „Бетон“ и „Џавид Уштеленца“ во Дебар и при извршена контрола, полициските службеници констатирале дека немаат соодветна дозвола за движење за време на полицискиот час издадена од надлежен орган и не ја почитувале одлуката за забрана на движење на населението со цел заштита од Ковид-19, изјави Димоски.

Тој информираше дека безбедносната состојба во ова подрачје е стабилна.

-Во текот на изминатото деноноќие, за време на полицискиот час и спроведувањето на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус, на подрачјето на ОВР Дебар не се регистрирани непочитувања на истите. Во истиот период, не се пријавени и регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и сообраќајни незгоди, додаде Димоски.

Во Дебар, според него, нема лица во изолација освен само едно лице во самоизолација. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.05.2020 - 14:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега