Нацијата старее, ризикот од остеопороза расте - во Македонија заболени 120.000 лица

Во Македонија 120.000 луѓе боледуваат од остеопороза, а од нив 90.000 се жени. За ова денеска информираше докторката Снежана Марковиќ-Темелкова од Клиниката за ендокринологија и претседател на Македонското здружение за остеопороза, пред почетокот на трибината што се одржа денеска под мотото „Постменопаузна остеопороза“ во рамки на одбележувањето на 20 Октомври, Светски ден за борба против остеопорозата.

- Тоа е огромна бројка, но се работи за фактот дека прво тие прават скрининг со мал ултразвучен апарат, а потоа ние ги мериме и одредуваме коскена густина. Во Македонија моментално има околу 17 апарати за одредување на коскена дензитометрија, коскена густина кои се најпрецизни. Остеопорозата најчесто ја погодува постменопаузната група жени над 50 години, иако и мажите страдаат од заболувањето. Возраста, белата раса, менопаузата се едни од главните ризик фактори за остеопорозата, рече Марковиќ Темелкова.

Марта Фотева од Клиниката за ортопедски болести укажа на доцното дијагностицирање на случаите со остеопороза, а тоа се пациенти со тешки скршеници на колк, рачен зглоб, пршлени итн. - Сакаме да дадеме акцент на тоа дека трошоците за лекување на скршеница многукратно ги надминуваат трошоците за лекување на остеопороза каде се уште не се јавила скршеница. Економско и социјално поисплатливо е да се лекува остеопорозата навреме и да не дојде до скршеници, посочи Фотева. 

Инаку, се очекува бројот на заболени да расте бидејќи популацијата во светот, па и во Македонија се повеќе старее, а просечниот животен век во 2050 година може да биде околу 80 години.

 

22.10.2013 - 14:57

најчитано сега