Груевски: Нашата борба е за богата Македонија

Почитувани сограѓани, 

Почитувани членови на македонската дијаспора ширум светот,

Пред нас е чествувањето на големиот празник, денот кога е формирана Македонската Револуционерна Организација, 120 години симбол на движењето за слобода на Македонија. По тој повод, имам посебно задоволство од името на Владата на Република Македонија и од свое лично име, да Ви го честитам големиот државен празник, 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба.

Овој празник е симбол на една измачена, но горда генерација Македонци кои живееле во едно тешко време, време во кое не постоела македонска држава и кога цената за да се чувствуваш и живееш како Македонец била неизмерно голема.

Во едно такво тешко време, нашиот народ собрал сила и луѓе, имал и мудрост и храброст кои на 23 Октомври 1893 година резултирале со формирање на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација. Нејзиното формирање преставува олицетворение на борбата за слобода и независност кое подоцна прераснува во севкупно слободарско движење во кое се соединуваат идеалите и стремежите на македонскиот народ. Благодарение на оваа организација, македонското прашање било издигнато како посебно прашање на Балканот, а барањето за автономија и слобода на Македонија – порака за која со години се гинело и војувало. Тоа било период кога народот јасно ги изразил своите чувства на посебност и различност од останатите народи на Балканот, а со тоа го истакнал и својот легитимитет да се бори за своја сопствена држава. Таквите идеали се пренесувале од колено на колено, од генерација на генерација, од востание на востание, се до конституирањето на слободна, независна и самостојна Република Македонија. 

Денес го прославуваме таквиот дострел ! 

Прославуваме, се сеќаваме и се мотивираме !

Го живееме сонот на славната илинденска генерација и напорно работиме да го продолжиме делото на нашите предци. Секоја генерација си има своја борба. Нашата борба е да го подобриме животот на нашите граѓани, да се избориме за модерна, развиена, интегрирана и богата Република Македонија. На тој пат, нашата историја е наш поттик, нашата земја е наша мотивација, а следните генерации – нашата сатисфакција !

Нека е вечен споменот за македонските револуционери !

 

Нека е честит големиот празник 23 Октомври- Денот на Македонската револуционерна борба !

(Интегрален текст од честитката на Премиерот Никола Груевски по повод 23 окотмври, Денот на револуционерната борба)

22.10.2013 - 19:10

најчитано сега