Иванов во Кина: Македонија нуди одлични можности за инвестирање и бизнис

 

Македонската економија е отворена кон Кина и кон светот. Нуди одлични можности за инвестирање и бизнис кои само треба да се препознаат и да се искористат.

Oва е пораката која ја испрати македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Форумот за меѓународна соработка на Западна Кина, во Ченгду, во провинцијата Сичуан. Тој, говорејќи на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет“, истакна дека македонската делегација е дојдена во пријателска Кина токму во потрага по заеднички просперитет, пренесува МИА.

- Кина е еден од нашите најблиски партнери и нашата соработка постојано се зацврстува и се интензивира на секое поле. Кина е една од 20-те земји со кои остваруваме најголем обем на трговска размена, истакна Иванов, додавајќи дека позитивното искуство треба да се прошири и на други полиња.

Тој потенцираше дека постојат бројни можности и голем интерес за трговија.

- Неодамна дознав дека околу 250 милиони кинески граѓани веќе купуваат он-лине. Тоа е голема можност за пласман на македонските производи на кинескиот пазар. Сакаме во периодот што следи, соработката меѓу двете економии да го достигне, па дури и да го надмине нивото на политичките релации, истакна шефот на македонската држава.

Македонскиот претседател ги запозна учесниците на Форумот дека преку Македонија можат да добијат пристап до 650 милиони потрошувачи во Европа и пошироко.

- Во услови на глобална економска и финансиска криза, успеавме да одржиме стабилна макроекономска политика. Македонската економија се одликува со ниска инфлација што во просек изнесува два отсто во последните четири години. Имаме избалансирани јавни финансии, низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Македонската работна сила е млада, образована, вредна и лојална, истакна претседателот Иванов.

Тој истакна дека за унапредување на бизнис-климата за странските инвеститори се направени суштински реформи кои, како што рече, на инвеститорите им обезбедуваат повисок профит и зголемена компетитивност во однос на другите компании. Наброја неколку од бројните поволности што ги нуди Македонија, меѓу кои ниски и рамни даноци од 10 отсто и регулаторната гилотина преку која се отстранети  сите правни и административни бариери кои би можеле да се испречат пред потенцијалните инвеститори, за што потврда има и во глобалните извештаи. Притоа го спомена рангирањето на Форбс за 2012 година, каде Македонија се наоѓа на високото 37. место во светот според поволноста за отпочнување  бизнис, извештајот на Светската банка „Доинг Бизнис”, според кој Македонија е петта најповолна дестинација во светот за започнување бизнис, како и фактот дека Македонија три години е најдобар реформатор во ЈИЕ, а две години по ред е трет во светот.

- Живееме во време кога секоја држава, независно од големината на нејзината територија и бројноста на населението, има можност директно да се вклучи во глобалната трка за профитот. Најуспешни во таа трка се оние држави кои економската зависност ќе ја заменат со економска меѓузависност, кои ќе инвестираат во долгорочен и балансиран раст и развој. Нашите кинески домаќини на дело ја покажуваат посветеноста кон овој пристап, рече Иванов, додавајќи дека за тоа зборува отвореноста на кинеската економија преку која Македонија ја препозна и прифати можноста понудена од кинеската Влада за финансирање инфраструктурни проекти.

Иванов изрази уверување дека компаниите присутни на овој Форум, како што рече, ќе го препознаат мигот и ќе ги искористат извонредните можности на Македонија за профитабилно инвестирање, за одржлив раст и развој, кои ќе донесат заеднички просперитет.

На Форумот, што го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на централната Влада, учествуваат повеќе странски државни претставници, меѓу и петмина шефови на држави, од речиси сите континенти. Од Европа годинава е избрана Македонија.

Форумот на Западна Кина се одржува од 2000 година. Партиципираат лидерите на повеќе кинески провинции, како и претставници на голем број држави, меѓународни организации и компании. Целта е да се воспостават економски и дипломатски врски, како и презентација на инвестициски проекти. Форумот се одржува на простор од 120.000 метри квадратни, а само лани биле потпишани околу 1600 договори вредни стотици милиони евра.

Претходно, претседателот Иванов во Ченгду имаше средба со Ванг Донгминг, претседавач со Сенародниот конгрес на Сечуан, на која беше реафирмирана подготвеноста за поинтензивна соработка помеѓу Македонија и таа кинеска провинција. Донгминг го запозна Иванов со достигнувањата на Сичуан на економски план, како и со плановите за наредниот период. Претседателот Иванов го информира соговорникот за конструктивната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и ја реафирмираше подготвеноста за продлабочување на економската, културната, образовно-научната, соработката во медицината, како на централно, така и на ниво на провинции, запознавајќи го со напорите што Владата на РМ ги прави за подобар инвестициски амбиент. Донгминг изрази задоволство што претседателот Иванов, покрај учеството на економскиот форум во Ченгду, ќе ги посети и двата универзитета, за традиционална кинеска медицина и за финансии и економија.

Претседателот Ѓорге Иванов ја посети и базата за производство на автомобили на Геелѕ Аутомобиле Холдингс, која произведува „волво“. 

23.10.2013 - 10:12