Димитров учествуваше на министерската конференција „Затворање дигитални поделби: дигитален одговор на КОВИД-19”

На иницијатива на министрите за надворешни работи на Естонија и Сингапур, Урмас Реинсалу и Вивиан Балакришнан, денеска се одржа глобална видеоконференција посветена на надминувањето на дигиталниот јаз во контекст на КОВИД-19, на која учествуваше и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Како што соопшти МНР, на конференцијата учествуваа и заменик-генералниот секретар на Обединетите нации, Амина Мохамед, и шефови на дипломатијата на над 60 земји од светот.

-Министерската конференција беше прилика за размена на мислења и искуства во справувањето со пандемијата со употреба на иновативни и флексибилни дигитални решенија. Споделувајќи ги научените лекции, министрите ги истакнаа своите видувања за потребата од меѓународна солидарност и соработка во услови на предизвици на мултилатерализмот и одбележувањето на 75-годишнината од Обединетите нации, соопшти МНР. 

Во своето обраќање, министерот Димитров ги подвлече напорите на Владата за употреба на дигиталната технологија во надминувањето на кризата во сферата на образованието, здравството, меѓународната трговија и управувањето со ризиците.

 – Меѓународната соработка и размена на искуства можат да ги надополнат напорите на национално ниво насочени кон успешна примена на дигиталните алатки, во полза на секој поединец. Оваа криза особено упатува на здружување на силите и на ресурсите со цел пронаоѓање поефикасни начини за ползување на слободниот софтвер и платформи од страна на јавната администрација, претпријатијата, образовните институции и граѓаните во справувањето со тековната криза, истакна Димитров. 

Шефот на македонската дипломатија, како што соопшти МНР, ја изрази и поддршката којашто Република Северна Македонија, како силен поддржувач на мултилатерализмот, ја дава на Глобалната декларација за дигитален одговор на КОВИД-19.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.07.2020 - 19:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега