Приватниот сектор да го искористи проектот Е-влада

Приватниот сектор да ги искористи можностите со отворањето на  податоците од институциите  и да изработат нови апликации и сервиси со кои ќе отворат нов бизнис модел, а економијата ќе има нова додадена вредност.

Ова е пораката која денеска ја испрати министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, во своето обраќање на дводневната Конференција за програмата е-Влада, што се одржува од денеска во Скопје.

Ивановски информираше дека минатата недела заврши набавката за системот за отворени податоци, со кој за почеток ќе се поврзат пет институции што своите податоци  што ги имаат во дигитална форма ќе ги направат достапни 24 часа дневно за компаниите. 

- Тоа значи дека фирмите ќе може да се поврзат на овие системи и да  изградат мобилни и веб апликации и какви било други услуги за граѓаните, укажа Ивановски.

Ивановски истакна дека не е пристигната ниту една апликација за интерес за јавно-приватно партнерство, иако веќе три години упатува апел до приватниот сектор. 

Ивановски сепак е убеден дека приватниот сектор има капацитет за вклучување во сите активности, но, укажа, непоходно е, динамично менување на бизнис моделот и навиката на македонскиот приватен сектор од минатото.

- Најмногу интерес гледаме од студентите и од старт ап компаниите коишто можеби се многу поискрени во ризикот што сакаат да го преземат со искористување на овие отворени податоци, нагласи Ивановски.

Според претседателот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии-МАСИТ Слаѓан Михајловски, домашните фирми се способни да изработат софтвери за размена на податоци и да завршат каква било работа, но проблем е ограничувањето од Законот за заштита на лични податоци.

- Компаниите имаат капацитет за вклучување, но веројатно недостасува комуникација со самите институции и достапноста до  податоците, а секако проблем претставува и Законот за заштита на личните податоци бидејќи практично има инволвирање на лични податоци со сите бази на податоци што им се потребни на граѓаните. Со тоа на некој начин се ограничува можноста за услуги кон граѓаните, но постојат и услуги каде не се потребни такви податоци, рече Михајловски.

Ален Дукас, експерт од француското Министерство за информатичко општество вклучен во примената на програмата е-Влада во Македонија, истакна дека не е важно проектот да функционира само во рамки на министерствата, туку да се напрви применлив и достапен и до граѓаните и компаниите.

Тој смета дека за спроведување на проектот не е доволен краток период од само една година. Во Франција тој проект се одржува веќе 20 години со оглед на тоа дека технологијата постојано се развива. Секоја петта година  во Франција се носи нова директива и работиме на различни теми што се актуелни во моментот, изјави Дукас.

Програмата е-Влада претставува концепт на крупна реформа на администрацијата преку употреба на информациски и комуникациски технологии. Целта е воведување поквалитетни административни услуги и излегување во пресрет на потребите на граѓаните и на деловните субјекти.  Во Македонија во изминатиот период  се реализирани повеќе проекти во таа област, како што  се системот за интероперабилност, документ менаџмент системот, голем број електронски услуги достапни за граѓаните и компаниите, како електронски даноци, електронски јавни набавки, електронска регистрација на компании, електробнски катастар, електронското аплицирање во администрацијата и електронскиот потпис.

Зад организацијата на конференцијата е-Влада стои Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии-МАСИТ во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, француската Амбасада во Македонија, Агенцијата за меѓународна техничка соработка на француските министерства-АДЕТЕФ и Француската агенција за промоција на извозот-UBIFRANCE.  Конференцијата е можност за споделување искуства на француски и македонските компании од ИКТ индустријата во делот на градење и развојот на „Е - Влада услуги и решенија“.

Со поддршка на проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот, за компаниите-учеснички на конференцијата ќе бидат организирани деловни средби со цел воспоставување потенцијална соработка помеѓу македонските, компаниите од регионот и Западна Европа. Дополнително, на конференцијата ќе биде организирана и панел дискусија за асоцијациите од регионот кои ќе дискутираат за извоз на софтвер и ИТ услуги.

24.10.2013 - 12:34
Фото: 
МИА

најчитано сега