Илија Димовски: Можни се предвремени избори

Во ВМРО-ДПМНЕ не сме разговарале за предвремени избори, но ако СДСМ ги сака, ќе ги добие. Со ваков став, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски одговори на новинарско прашање дали актуелните ситуации во Собранието со барањата на СДСМ за разрешување на Вељаноски може да доведат до избори.

„Сите постапки на СДСМ во последниот период се во насока на креирање на проблеми и создавање на конфликти во Собранието и надвор од Собранието. Ние жалиме заради таквото нивно постапување, посебно во момент кога постигнавме согласност за измени во Деловникот за две клучни прашања. Во една прилика пред неколку месеци кога бевме во слична конфликтна политичка ситуација, ВМРО-ДПМНЕ понуди можност за одржување на предвремени избори како начин да се излезе од политички ќорсокак. Тогаш СДСМ многу решително избега од можноста за одржување на избори. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ би постапувала исто и дека во ситуација ако се создадат проблеми или предизвици, би било логично да се очекува дека би направила сè што е потребно за институциите да функционираат нормално, државата да може да ги врши своите обврски спрема граѓаните и да се спроведуваат проектите, за кои што граѓаните дале легитимитет“ - рече Димовски.

24.10.2013 - 18:59

најчитано сега