Странските инвеститори задоволни од поедноставената процедура за добивање работни дозволи

Министерството за економија во рамките на проектот „Отворена врата за странските бизнисмени“, спроведе анкети во 73 компании низ земјава со што утврди дека мерките за визна либерализација во голема мерка ја олеснува постапката за издавање работни дозволи за странските државјани.

- Подобрувањето на бизнис климата во земјава е еден од врвните приоритети на кој јас како министер сум целосно посветен. Сите мерки што ги носиме во насока на подобрување на условите за водење на бизнис и намалување на бирократските процедури ги правиме во дијалог со бизнис заедницата на транспарентен начин, бидејќи само така мерките можат да донесат реални ефекти. Нашиот дијалог и напори на овој план продолжуваат и во следниот период, бидејќи процесот за привлекување странски инвестиции продолжува и ќе се менува согласно потребите на реалниот сектор, изјави министерот за економија, Ваљон Сарачини.

Согласно препораките на Светската банка за подобрување на условите за водење бизнис во земјава, веќе се направени законски измени и дополнувања минатата година.  Фокусот на овие измени беше ставен на постапката за издавање работна дозвола при што овие измени овозможија олеснување на постапката за добивање дозвола за вработување или работа на странец, со тоа што процесот на добивањето на работната дозвола се заокружува во Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Инаку,целта на оваа анкета била да се направи евалуација на мерките што се реализираат во изминатиот период од повеќе релевантни институции, а кои беа направени со цел да се олесни постапката за работен ангажман во земјава за странските државјани, што беше едно од клучните барања на странските инвеститори во земјава.

Законот за вработување и работа на странци е целосно усогласен со законските прописи и одделните регулативи на Меѓународната организација на труд и на Европската унија.

25.10.2013 - 15:48

најчитано сега