Граѓаните се повеќе веруваат во банките - растат депозитите

Девизните резерви во третиот квартал бележат раст и на 30 септември изнесувале 2.064.500.000, што во однос на крајот на јуни е зголемување за 25,6 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка на Република Македонија.

Раст од 5,1 отсто има и кај депозитите во банките, што сепак, е под проекциите за третиот квартал од 7,3 проценти.  На квартална основа, заклучно со 30 септември 2013 година, вкупните депозити пораснале за 7.557.000.000 денари што е двојно повеќе од планираниот раст за третиот квартал, согласно априлската проекција. Сепак, на крајот на септември вкупните депозити се помали во однос на проекцијата поради пониската споредбена основа.
 
Остварениот годишен депозитен раст во најголем дел е резултат на денарските депозити, при умерен годишен раст и на девизните депозити.

Денарските депозити на населението бележат зголемување и во текот на септември, а нивното учество во вкупните депозити е стабилно и изнесува околу 49 проценти. Умерен раст во однос на претходниот месец има и кај девизните депозити.

Во август, каматните стапки на денарските и на девизните депозити забележале месечен пад од по 0,1 процентен поен.

Кредитите  продолжија да се зголемуваат  во текот на септември, но посилно од претходниот месец, како резултат на месечното зголемување на кредитите наменети за населението.  Годишната стапка на раст на вкупните кредити изнесува 3,8 отсто и  е под проекцијата за третиот квартал од 4,6 проценти.

На квартална основа, заклучно со 30 септември 2013 година вкупните кредити бележат раст, што преставува половина од очекуваниот квартален раст (3.318.000.000 денари) согласно априлската проекција.

Остварениот годишен кредитен раст во целост произлегува од зголемувањето на денарските кредити, при продолжување на падот на девизните кредити, наспроти очекувањата за нивен раст во овој период, согласно априлската проекција.

Монетарните показатели, според последните податоци за септември упатуваат на значаен ризик за остварување на проектираните кредитни текови во третото тримесечје и до крајот на годината. Оценките за кредитниот ризик, како и ефектите од конзервативните стратегии на големите банкарски групации, коишто со своите ќерки се присутни на домашниот пазар, и понатаму се еден од клучните фактори за ваквите оцени околу проекциите за активноста на кредитниот пазар. Според НБРМ, сепак, постојат и фактори што може да имаат стимулативни ефекти врз подготвеноста на банките за кредитирање во следниот период. Такви ефекти може да се очекуваат од дополнителните мерки што НБРМ ги донесе во изминатиот период, а кои не се однесуваат на намалувањето на основната каматна стапка.

Последните макроекономски показатели и оценки  според НБРМ упатуваат на поголеми промени во согледувањето на амбиентот и ризиците во однос на оценките дадени во рамки на минатомесечните оцени. И понатаму, еден дел од показателите одат во прилог на понатамошно монетарно олабавување. Прво, вкупната инфлација постојано се движи по проектираната патека, а последните оценки повторно покажуваат врамнотежени ризици околу проекцијата за инфлацијата за 2013 година. Второ, показателите за економската активност покажуваат дека економијата ќе забележи раст и во третото тримесечје (најверојатно послаб од оној во вториот квартал). Трето, кредитниот раст ќе биде под проектираниот, во услови на се уште присутни согледувања за ризик. Четврто, податоците за денарското и девизното штедење покажуваат одржување на склоноста за штедење во денари, а последните преземени мерки за зголемување на задолжителната резерва во девизи може дополнително да придонесат во оваа насока. Притоа, склоностите за денарско штедење се уште се поголеми во однос на оцените вградени во априлските проекции, покажуваат објавените податоци на Народната банка на Република Македонија

28.10.2013 - 14:08

најчитано сега