Експертите прогнозираат победа на ВМРО-ДПМНЕ со над 100.000 гласа разлика

Доколку сега се одржат предвремени парламентарни избори, владејчката ВМРО-ДПМНЕ ќе однесе убедлива победа, покажува најновата анкета на ИПИС. Според неа, актуелната владејчка партија ќе освои повеќе пратенички места во Собранието. За експертската јавноста, ваквите резултати на анкетата не се ништо неочекувано. Според нив, граѓаните не препознаваат промени во политката на СДСМ.

ИПИС досега се покажа како една од најдобрите и најпрецизните агенции за истражување на јавното мислење во Македонија, така што нивните анкети секогаш се добредојдени. Според она што го забележуваме нема никакви позначајни поместувања на македонското политичко небо. ВМРО-ДПМНЕ ја одржува стабилната предност пред СДСМ, ДУИ доминира помеѓу во албанската етничка заедница пред ДПА и тука некаде завршува партиската сцена во Македонија. Тоа значи дека и покрај изборот на новото раководство и промоцијата на новата програма, електоратот се уште не е импресиониран од покажаното кај СДСМ. Покрај за нив, оваа анкета треба да ги вклучи сите сигнали за тревога помеѓу грмотевиците и позитивците затоа што по бомбастичната најава тие некако избледеа во јавноста, па затоа се уште не ги забележуваме на инстументите за мерење на политичкиот рејтинг. Последната интересна измена е тоа што Зоран Заев го заземал местото на Бранко Црвенковски на рејтинг листата, меѓутоа секако дека Црвенковски веднаш би се вратил на оваа позиција доколку повторно посака да си го потврди „татковството“ на партијата, вели за Курир, Ивица Боцевски, политички аналитичар.

Политика на отчетност и стриктна водење по предизборната програма е она што на ВМРО-ДПМНЕ му носи резултати, смета универзитетсткиот професор Татјана Каракамишева во изјава за Курир.

„Рејтингот и резултатите од него се сосема реален одраз на една нова политика која ја инсталираше и ја практикува ВМРО-ДПМНЕ од моментот на нејзиното доаѓање на власт до денес. Тоа е сосема нова димензија во практикувањето на политичкото делување која накратко може да се дефинира како политика на осмислување проекти, максимална посветеност за нивна реализација,   отчетност и одговорност пред јавноста за сработеното. Со овие новитети во политичкото делување, политиката на ВМРО-ДПМНЕ стана препознатлива кај македонската јавност, и се надевам дека таа ќе прерасне во репер, во стандард за мерење на квалитетот на политичкото делување на сите останати политички субјекти во Република Македонија, вели за Курир, универзитетскиот професор Татјана Каракамишева.

 

Аналитичарот Владимир Божиновски чиј институт ја спроведе оваа анкета за вчера во изјава за Сител вели дека расположението на граѓаните покажува дека ВМРО-ДПМНЕ долги години има константно висок рејтинг

„Доколку ги споредиме истражувањата кои сме ги направиле ние во изминативе седум години, се забележува дека од 2008-ма година па навака, има една константа кај ВМРО-ДПМНЕ во нивниот рејтинг. Тоа значи дека тие во секој момент можат да сметаат на 430.000-460.000 гласачи. За разлика од оние избори пред 2006-тата, кога партиите чекаа да падне рејтингот на владејачката партија, сега тоа не може да се случи, со оглед на константата од над 430.000 гласови. Сега задачата на СДСМ е да обезбеди над 450.000 гласа, доколку сака да оствари некаква победа. Во моментов, тие можат да сметаат на некаде околу 270.000-300.000 гласачи, вели за Сител, Владимир Божиновски од ИПИС.

28.10.2013 - 15:25

најчитано сега