Груевски не смее да биде обвинет за „Шамарите во Центар“ зашто Иванов го помилува, смета неговиот адвокат

Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски не смее да биде обвинет во предметот познат како „Шамарите во Центар“ затоа што добил помилување од поранешниот претседател на земјава, Ѓорге Иванов.

Ова го кажа адвокатот на Груевски, кој му е доделен по службена должност, во завршните зборови во судскиот предмет кој се однесува на насилните протести организирани пред Општина Центар во јуни 2013 година, пренесува „360 степени“.

„Точно е дека беше изменет законот и помилувањето беше отповикано. Но, тоа постоело во моментот на покревање на обвинението и не смее да се повлече“, рече адвокатот Петар Димовски.

Тој тврди дека во овој предмет единствено што се слушнало за експремиерот е како тој во „бомбите“ вели тогашниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, да „изеде 5-6 јаки шамари“, такви разговори, вели адвокатот, може да се слушнат во секојдневието, а факт е дека од доказите не се видело оти тие шлаканици биле удрени.

Судот за поттикнувачите на насилствата пред Општина Центар Никола Груевски и Миле Јанакиески треба да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери во иднина, изјави во завршниот збор обвинителката Фатиме Фетаи на денешното судење за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Фетаи рече дека од снимените разговори се слуша како првообвинетиот Груевски на 1 јуни 2013 година телефонски од второобвинетиот Јанакиески побарал да се организира протест на поголема група луѓе пред Општина Центар.

– Груевски заедно со Јанакиески преку лицето Томиалав Лазаров ги поттикнале лицата градоначалникот Андреј Жерновски да добие неколку шамари и биде исплашен од десетина лица на протест, посочи Фетаи.

Конечно, тоа што двајцата телефонски договараат, и се случува на 7 и 10 шестти 2013 година.

– Не само што протестираат, туку и ја кршат оградата и прозорците на општинската зграда. Единствено нешто што не се случува е тоа што загрижен граѓанин не удрил шамар на градоначалникот. Ова е единствено отстапување од замисленото дело. Настаните кои следуваат, само ја потврдуваат автентичноста на разговорот, изјави Фетаи.

Процесот го води судијата Душко Јосифовски.

Обвинителството на почетокот се откажа од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андонивски и Борче Богдановски. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.09.2020 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега