Османи – Корчок: Словачка целосно ја подржува европската интеграција на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговарал со министерот за надворешни и европски работи на Словачка Иван Корчок, на кој истакнал дека Македонија има силна причина да работи на реформите и дека очекува до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција.

-Имаме силна причина да работиме уште повеќе на спроведување на реформите и на успешна завршница на подготовките за преговорите. Нашите очекувања се до крајот на оваа година да се одржи Првата меѓувладина конференција бидејќи станува збор за остварувања што ќе ја променат иднината на земјата, нагласи Османи.

Шефот на дипломатијата ја поздравил конзистентната позиција на Словачка за Северна Македонија, која се манифестира во секоја прилика во рамките на ЕУ и која се отсликува со безрезервна поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори.

За време на видео средбата, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи, станало збор и за соработката на двете земји во рамките на НАТО, справувањето со пандемијата од Ковид-19, како и за други прашања од интерес за потесниот и поширокиот Регион.

Овој телефонски разговор е дел од систематската и интензивна дипломатска офанзива на министерот Османи што ја спроведува, во амбиент на зајакната приоритизација на процесот на проширување меѓу земјите членки, тековните дискусии за преговарачката рамка, а со цел создавање силен политички моментум за конечен исчекор во европската агенда на земјата, посочуваат од МНР. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.10.2020 - 16:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега