Швеѓаните му пркосат на светот: Иако расте бројот на заразени од коронавирус, се противат на носењето маски

Постарите Швеѓани може да го прекинат карантинот, објави владата во четвртокот, посочувајќи на пониски стапки на инфекција со коронавирусот, отколку во пролетта и зголемената потреба да се земе предвид менталното здравје на старите лица.

Многу земји низ Европа повторно воведуваат ограничувања за да се справат со порастот на заболени со ковид-19, но шведската здравствена агенција вели дека нема индикации за втор бран на коронавирусот во Шведска.

Шведска зазеде поинаков пристап во борбата против пандемијата отколку повеќето европски земји. Таа се потпре на промоција на физичкото дистанцирање, но изолираше домови за стари лица поради високата стапка на смртност меѓу нив. Бројот на нови случаи во нордиската земја постојано расте во последните неколку недели, но е на пониско ниво во однос на населението отколку во другите европски земји каде секој ден се поставуваат нови рекорди.

– Агенцијата за јавно здравје одлучи постарите лица и луѓето во особено ризични групи да бидат подложени на истите препораки како и остатокот од населението – им рече на новинарите министерот за здравство Лена Халенгрен. Бројот на смртни случаи во Шведска е многу пати поголем отколку во нордиските соседи, но е помал отколку во земјите што воведоа построги мерки, како што се Шпанија и Италија.

Досега им беше кажано на оние над 70 години да избегнуваат физички контакт и јавен превоз и да се држат настрана од продавниците и другите јавни простори. Официјални лица велат дека мерките ја намалиле стапката на инфекцијата, но негативно влијаело на благосостојбата на многу постари луѓе. Агенцијата вели дека со пониски стапки на инфекции, повеќе знаење за болеста и помалку оптоварен здравствен систем отколку во пролетта, старите лица треба да ги следат препораките што се однесуваат на сите Швеѓани.

Ова вклучува избегнување големи собири, останување дома при првите знаци на болест и одржување на физичката дистанца. Халенгрен предупреди дека тоа не значи враќање во нормала.

– Секојдневието не може да биде како што беше пред пандемијата. Но, има многу начини на живот кои не се само преживување – рече министерот за здравство.

Шведска е и понатаму една од ретките земји во светот која не препорачува носење маски затоа што верува дека нудат лажно чувство на сигурност.

 

Во главниот град Стокхолм секојдневието се одвива како и претходно. Мештаните шетаат по градот, седат по кафулињата, рестораните и посетуваат продавници, кои останаа отворени во текот на целата пандемија.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.10.2020 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега