Градот Скопје денеска ќе ја разгледа одлуката за „Дрисла“

Градот Скопје соопшти дека вчера попладне го добил решението од Вишиот управен суд за случајот „Дрисла“, а во текот на денешниот ден ќе го разгледа и ќе одлучи за понатамошните чекори.

- Според решението, судот се искажа дека ние не сме биле надлежни за поднесувањето на жалба до Вишиот управен суд. Не знам како не можеме да бидеме надлежни, кога сме странка во постапката. Велат дека било надлежно Државното правобранителство. Ние уште пред поднесувањето на жалбата, бевме до Државното правобранителство и тоа ни даде автентично толкување од Законодавно-правната комисија во Собранието дека тие не ги застапуваат интересите на локалната самоуправа и децидно кажува дека локалната самоуправа сама треба да си ги поднесува своите постапки и жалби до Управниот суд, изјави таткото на Скопје, Трајановски.

Скопскиот градоначалник истакна и дека не е решавано по содржината на предметот, туку е кажано дека Градот е ненадлежен да поднесе жалба за овој предмет.  - Ова мене ми изгледа нелогично. Денеска ќе го разгледаме решението и ќе гледаме да најдеме вонредни правни мерки за заштита на законитоста затоа што не можеме да разбереме како не можеме да поднесеме жалба, а Државното правобранителство вели дека не е надлежно за нас, подвлече Трајановски.

01.11.2013 - 14:54

најчитано сега