Сите христијански празници кај македонскиот народ собрани во една книга

Позначајните христијански празници кај македонскиот народ, начините на нивно славење и верувањата поврзани со нив ги содржи книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ на д-р Марко Китевски, која ја објави издавачот „Камелеон“ од Скопје.

- Направен е обид да се соопштат најважните податоци за празникот, за светците (според житијата, преданијата и другите извори за нив), потоа за обичаите што се изведуваат на овие денови, за песните, верувањата и другите фолклорни и етнографски материјали поврзани со одреден празник, истакнува Китевски во воведот на книгата.

Користени се етноматеријали од сите делови на етничка Македонија кои сведочат дека фолклорот и етнографијата на македонскиот народ се неделива целина.

- Оваа книга има цел да го покаже континуитетот на македонскиот народен дух од најстари времиња до денес и да ја истакне специфичноста на македонските празнувања во кои следиме повеќе слоеви на народната култура, посочува  авторот.

Д-р Марко Китевски е научен советник во Институтот за македонска литература каде што на постдипломските студии ги предава предметите Народна култура и Македонски празници. Автор е на педесетина книги и на повеќе од 400 трудови објавени во списанија, зборници од научни собири и во други публикации. Минатата година Китевски ја доби највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“. 

03.11.2013 - 12:29
Фото: 
А1.он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега