Лазаров: Не ми е ни на крај памет да се откажам од националниот дрес!

Македонскиот ракометен капитен Кире Лазаров во интервју за Дерби.мк вели дека ни на крај памет не му е да се откаже од националниот дрес.

- Прашањето е многу чувствително. Ако се навратиме назад, се случи тоа во 2008 година, пред да се пласираме на светското првенство. Ми имаше дојдено таква помисла во глава, тоа беше во времето кога веќе бевме со оваа генерација, сакавме да направиме нешто, но бевме катастрофално организирани. Од нас се очекуваше многу, но немавме организација, немаше услови за работа. Еднаш, во една таква ситуација демонстративно го напуштив тренингот и заминав за Загреб, каде што тогаш настапував. Колку и да ја сакаш Македонија, треба некој да ти ги обезбеди условите за да го дадеш својот максимум. Тоа е национална селекција, гордост, нешто свето, па ако јас се посветувам, треба и некој друг да ги обезбеди условите. Доколку се е како што треба, ни на крај на памет не ми е да се откажам од националната селекција, особено што сме амбициозни и можеме да направиме добра иднина, вели Лазаров за Дерби.мк.

На прашањето каква е атмосферата во репрезентацијата, најдобриот стрелец одговара: - Атмосферата ја правиме ние, јас и колегата до мене. Тоа е нешто што може да се промени, денес да биде супер, па за два дена да се смени, а потоа да биде пак прекрасно. Ние сме одговорни, не како група, туку како поединци. Во секој колектив може да има проблеми, но ние треба како професионалци и спортисти кои имаат видено многу, треба да ја градиме таа атмосфера. Ако има проблем, тој треба да се реши. Многу тешко се гради атмосферата, но лесно се растура. Ете, постојат примери од другите спортови и треба да бидеме во плус, не затоа што сме на пол позиција кај публиката, бидејќи Македонија е спортска нација и треба да ги испочитуваме навивачите, туку дека одговорноста е голема и мене како капитен не ми е сеедно дали ќе победиме или ќе изгубиме, дали ќе одиграме добро или слабо. Мора да направиме се за да го испочитуваме македонскиот народ, нашата фамилија, нашата држава, треба да ги направиме сите среќни, едноставно – на пол позиција сме и треба да се стремиме кон успех. Ние како генерација го немаме дадено последниот збор. Успешни сме, со оглед на тоа дека сме од Македонија и сме Македонци, но не треба да се задоволиме со тоа. Имаме страшен потенцијал, имаме искусни играчи, добри напаѓачи и добри дефанзивци, па едноставно треба да го склопиме тој мозаик и да ја направиме можеби најголемата работа за Македонија. Зборувам за следните 2-3 години, не мора да биде тоа во Данска, но мора во секој натпревар да одиме на победа и да не калкулираме. Кога калкулираме сме најслаби. Треба да ја промениме менталната матрица, да сме силни кога сме успешни, а слаби кога не сме успешни и да го вадиме „нечистиот веш“, па дури и кога го нема, да го измислиме.

03.11.2013 - 13:40
Фото: 
Скопјеинфо

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега