Министерот Ристовски: Нема веќе препишување за наставник и директор

Министерот за наука и образование Спиро Ристовски, денеска информираше дека министерството за образование и наука и Синдикатот за образование, наука и култура иницираат изработка на две нови законски решенија од кои едното е за обука и испит на директор за основно, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, додека второто е за стручен испит на наставник, стручен соработник и воспитувач во основно, средно училиште и ученички дом.

Првиот предлог-закон, според Ристовски, ќе обезбеди еднакви услови за квалитетна обука и полагање на испитот за директор, транспарентност во полагањето и поквалитетен менаџерски кадар во образовните установи, бидејќи секој кандидат ќе треба да помине основна обука, по што ќе го полага испитот со кој ќе биде проверена неговата стручна оспособеност за раководење и организирање на работата во училиштата. 

- Кандидатот кој успешно ќе ја заврши основната обука за директор, ќе се стекне со право на полагање испит, ќе треба да достави пријава до Државниот испитен центар, кој пак, формира Испитна комисија. Испитот за директор ќе се полага два часа и ќе состои од три дела. Првиот и вториот дел се однесуваат на практична проверка на компјутерски вештини, проверка на способноста за примена на теоретските знаења и презентација. Кандидатите ќе треба да одговорат точно на минимум 80 отсто од вкупно 50 прашања кои по случаен избор ги одбира електронскиот софтвер во чија база ќе има 300 прашања. Успешноста во првите два дела е виза за полагање на третиот дел, одбрана на завршниот семинарски труд на тема којашто исто така, ја избира електронскиот систем од базата на теми, информираше министерот Ристовски.

Вториот предлог-закон предвидува полагање испит за кандидатите кои го завршиле приправничкиот стаж во училиште и имаат позитивна потврда за процена на карактеристики за подобност со работа со деца и адолесценти во воспитно-образовната дејност, а ќе треба да се положи во рок од шест месеци, најдоцна до една година по завршувањето на приправничкиот стаж., а ќе се состои од три дела или проверка на теоретското знаење, практичен или проверка на способноста за одржување на наставен час и подготовка и одбрана на зададена домашна писмена работа заради проверка на стручното знаење. 

- Сега, софтвер ќе ја бира темата за секој кандидат. Шифриран ќе биде неговиот податок, нема да се знае кој е кандидатот за да се избегнат влијанијата и ургенциите кај соодветната комисија, која е формирана за да го оцени квалитетот на стручниуот труд на кандидатот, нагласи Ристовски.

Според претседателот на СОНК, Јаким Неделков, од клучен интерес е да се вработат само квалитетни и способни кадри во образованието.

03.11.2013 - 13:52
Фото: 
Региони.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега