Хемиска кастрација за педофилите кои ќе го повторат делото

Министерот за труд и социјала Диме Спасов денеска појасни дека насоката во која треба да се движи донесувањето на измените во Кривичниот законик е намалување на затворската казна доколку осудениот за педофилија се согласи да прима медицински антитестостеронски третман или т.н. хемиска кастрација, и задолжително подложување на ваков третман  заедно со зголемување на затворската казна предвидена во постоечкиот Закон доколку сторителот го повтори делото.

- На наше барање се направени анализи кои покажуваат дека просечната казна за вакво кривично дело изнесува до шест години затвор и токму заради тоа баравме  зголемување на затворските казни, при што во предложените измени е предвидено зголемување на затворските казни од 10 до 20 години, па и до доживотен затвор. Следи процедура во која што Комисијата што работи на измените и дополнувањата на постојниот Закон да ја преработи содржината на овој закон и потоа повторно на владина седница ќе се разгледуваат измените и дополнително Владата ќе заземе став во однос на ова прашање, рече Спасов.

Тој појасни дека на јавната расправа што неодамна ја организираше Министерството за правда биле разгледани повеќе аспекти од измените на Кривичниот законик во кои биле предвидени неколку модели на медицински третмани на сторителите на кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба на малолетници и полов напад врз малолетници особено на оние под 14 години. Имало три понудени алтернативи во однос на изрекување на антитестеторонски третмани на сторителите на кривични дела поврзани со педофилија. Првата, тие да бидат задолжителни уште при првото изрекување на казната, втората доколку се согласат на третман да им се намали казната за 1/3, и третата доколку го повтори делото да биде задолжително изрекувањето на ваква медицинска мерка.

 

 

05.11.2013 - 14:52
Фото: 
Факултети.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега