Мицевски: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат со акција „Пратениците со народот“
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од утре, 8-ми мај до 30-ти мај почнува со акција под мотото – „Пратениците со народот“ за време на која ќе посетат 500-тини села низ цела Република Македонија, информираше денеска координаторот на пратеничката група на партијата, Никола Мицевски.
Како што рече, целта на акцијата е да се допре до секој граѓанин, а ќе бидат посетени и тие кои живеат во најодалеченото место.
„Граѓаните бараат и заслужуваат нивниот глас да биде слушнат, предолго време се заборавени, државата наместо за нив, работи за мафијата. Власта е во трка по провизии и местење на тендери, а народот едвај врзува крај со крај.
- 60.000 луѓе останаа без работа само во последната година.
- 6.200 фирми ставија клуч на врата.
- Половина милион луѓе живеат со две евра на ден.
- Државата должи над 6.5 милијарди евра, со што секој еден граѓанин е задолжен по 3.263 евра.
- Вакцини се чекаа пет месеци.
- Над 5.000 наши сограѓани го загубија животот, а поголем дел од нив и заради неспособноста на власта, но и заради немање на вакцини.
- Над 150.000 луѓе се заразија, поминаа низ тешки последици, дел од нив се лекуваа и во приватни клиники, а платија и над 10.000 евра, често се позајмуваа, а земаа и кредити.
- Идентитетот и јазикот се на напад, а власта молчи.
- Тутунарите го предадоа својот тутун по цена за килограм колку една кутија цигари, само затоа што се на раб на егзистенција.
- 214 светски криминалци, нарко босови на познати кланови и терористи добивале македонски пасоши од МВР. Нарушен е угледот на државата, погребан е правниот систем.“, рече Мицевски.
Според него состојбата е алармантна.
-Народот е при крај со трпение, а пари одамна нема. Секој ден е ден и борба за опстанок. Заев не понуди ништо, Заев им зема се на луѓето. Буџетот е претворен во алатка за богатење преку тендери за фирми блиски до власта или фирми на роднини на функционери. Излегуваме и ќе ја поминеме цела Македонија, бараме поддршка од секој еден граѓанин, заедно и сплотени да го промениме црнилото. Да свртиме нов лист и да донесеме нова надеж, дека може и мора подобро, вели тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа