Бабунски: Непобедливи сме на домашен терен!

Во рамките од квалификациите за ЕП 2015 година нашата фудбалска репрезентација до 21 година ќе одигра уште два натпревари, во кои стратегот Бобан Бабунски очекува добри резултати. 

- Нашата предност е домашен терен, а тоа го покажавме изминативе неколку години и сакаме да го задржиме моделот на непобедливост. Постигнатите резултати изминатиов период од неколку години се победи и нерешени на свој терен и тоа ни дава мотив да продолжиме со таа традиција, изјави Бабунски на денешната прес-конференција.

Бабунски најави дека нема многу да тактизира и цело време ќе игра со агресивна напаѓачка игра. Тимот сега е зајакнат и со четворица фудбалери од А селекцијата. 

- Имаме сила и способност да направиме добар резултат на овие два натпревари и да фатиме приклучок со врвот на табелата и поради тоа бараме поддршка од комплетната јавност за овие млади играчи. Во составот ќе имаме и четворица од А селекцијата кои сакаа да дојдат и да им помогнат на колегите од младата селекција. Нашата цел е да креираме играчи кои во иднина ќе бидат достапни на најсилната селекција, нагласи македонскиот селектор.

На располагање од националниот А состав Бабунски ќе ги има Стефан Ристовски, Езгјан Алиоски, Давид Бабунски и Александар Трајковски.

Напаѓачот на Мехелен очекува тешки натпревари, но верува во успех на крајот.

- Дојдов да помогнам со оваа селекција да направиме добар резултат и да се искачиме во горниот дел на табелата. Играме на домашен терен и се надевам позитивен резултат на двата дуела, рече Трајковски.

Бабунски за средбите со Азербејџан и Норвешка повика 24 фудбалери:

Голмани: Столе Димитриевски, Дени Илиев и Андреја Ефремов.

Одбрана: Езгјан Алиоски, Стефан Ашковски, Христијан Драгарски, Висар Муслиу, Дино Најдоски, Стефан Ристовски, Кристијан Тошевски, Ѓоко Зајков, Леонард Жута, Александре Дамчевски.

Среден ред: Давид Бабунски, Мартин Блажевски, Бесмир Бојку, Дарко Мицевски, Филип Наумчевски, Бобан Николов.

Напад: Дориан Бабунски, Марјан Радевски, Александар Трајковски, Дарко Велковски, Маркоски Кире.

Натпреварот Македонија - Азербејџан, се игра в петок (15 ноември) во 17 часот, а со Норвешка на 19 ноември во 19 часот и 30 минути. Двете средби ќе се одиграат на Националната арена „Филип Втори“.

Табела група 8:

1. Португалија 9 бодови (3 натпревари)
2. Израел 6 (3)
3. Азербејџан 4 (4)
4. Норвешка 3 (4)
5. Македонија 1 (2).

11.11.2013 - 13:57
Фото: 
Кајгана

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега