Владата ги потпиша договорите за изградбата на двата нови автопати

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски денеска го потпишаа договорот со кинеската компанија „Sinohydro Corporation Limited“ за изградба на автопатските делници од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид.

Се работи за инвестиција вредна 580 милиони евра со можност од максимум 10 проценти за дополнителни работи. Најголем дел од средствата, односно 90 проценти се обезбедени преку кредит од кинеската ЕКСИМ банка, а останатите 10 проценти од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Изведувачот е должен да ангажира македонски подизведувачи за најмалку 49 проценти од предвидените работи, а исто така и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија, и да вработи минимум 51 процент македонски државјани. 

Автопатот Миладиновци – Штип ќе биде со должина од 53 километри и ширина од 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и една дополнителна лента за застанување. Автопатот од Кичево до Охрид е во должина од 56,7 километри со широчина од 25,5 метри, со две автопатски ленти, дополнителна линија за запирање и зелен појас.  

Градежните активности се очекува да започнат во првиот квартал на идната година.

12.11.2013 - 15:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега