СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е докажан непочитувач на државното знаме
ВМРО-ДПМНЕ е докажан непочитувач на државното знаме, тие не прават разлика меѓу стилизирано сонце со 12 краци и сонцето од знамето со осум краци, реагираат од СДСМ на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека логото за 30-годишнината од независноста е сквернавење на знамето.
„Државното знаме е светост и тоа не треба да се сведува на дневни политичко-партиски преписки, ниту да се користи во логоа за прослави. ВМРО-ДПМНЕ требало до сега да научи дека на државното знаме има сонце со 8, а не со 12 краци. На логото за годинешниот јубилеј за кој ВМРО-ДПМНЕ денеска глуми наводна загриженост не е ставено знамето туку на него има стилизирано сонце, со видлива разлика и во типот и во бројот на краци“, велат од СДСМ.
Од партијата појаснуваат дека логото за јубилејот „30 години независност” е составено од повеќе елементи.
„На традиционалната црвена основа обединети се симболите со кои се потенцира 30-годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот код МК код бројот 30 раскажуваат за нашата државност. ВМРО-ДПМНЕ како антинародна партија е и докажан непочитувач на државното знаме. Доволно е да се види секој нивен протест и заклучокот е евидентен – кај нив не се знае ниту кое знаме го веат, ниту каков став имаат за националните интереси“, велат од СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа