Ставревски: Буџетот ќе оствари силен економски раст и подобри услови за сите граѓани

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски, денеска пред пратениците образложи дека Буџетот за 2014 година е развоен и ќе оствари силен економски раст, но и ќе обезбеди подобри услови за сите граѓани на државата. Ставревски пред присутните потенцираше дека државната каса за следната година ќе изнесува 176,5 милијарда денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 243 милиони, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата од 3,3 проценти. Нивото на буџетскиот дефицит, според проекците, ќе изнесува 3,5 проценти.

- Расходната страна на Буџетот е планирана со силна развојна димензија изразена преку износот на капитални инвестиции. За таа силна развојна димензија зборувавме минатата година и се покажа кој беше во право. На истата оваа говороница се кршеа копја околу тоа дека со таков буџет, како што тврдеше опозицијата, македонската економија ќе падне на колена, ќе доживееме банкрот и други апокалиптични сценарија. Една година потоа се покажа кој е во право. Буџетот за 2013 година ги оствари и ги надмина очекувањата, истакна Ставрески. 

Со буџетот за 2014 година предвиден е раст на капиталните инвестиции, платите, пензиите, социјалните додатоци, земјоделските субвенции: - Капиталните инвестиции ќе ја придвижат македонската економија. Она што посебно ќе ја раздвижи економијата е изградбата на двата нови автопати и интензивирањето на изградбата на Коридорот 10, односно Демир Капија-Смоквица. Тоа се три крупни проекти какви што немало во изминатите 22 години. Тие три автопати ќе подразбираат вклучување на македонски компании, работници и градежни материјали од Македонија. Сето тоа ќе создаде работа и ангажман за македонските фирми и ќе ја раздвижи македонската економија. И во делот на останатите сектори за следната година предвидени се значајни инфраструктурни проекти, нагласи Ставрески.

Вицепремиерот посочи дека има добра основа македонската економија следната година да бележи раст.

- Ако пред една година зборувавме дека европската и македонската економија се наоѓаат пред големи предизвици, сега може да кажеме дека најлошото е зад нас. Европа веќе постепено излегува од кризата, а македонијата економија во текот на 2013 година оствари многу подобри резултати од очекуваното. Во првите девет месеци од годината сите сектори во економијата остварија позитивни стапки што резултираше во вкупна реализација на пораст на БДП од 3,4 проценти во просек, истакна Ставрески и напомена повторно дека Македонија е четврта најмалку задолжена држава во Европа.

Инаку, за предлог буџетот од опозицијата се поднесени  684 амандмани.

13.11.2013 - 12:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега