„Њујорк тајмс“: Грција оди кон граѓанска војна

Весникот „Њујорк тајмс“ коментира дека „понатамошниот пораст на Сириза и Златна зора може да ја одведе земјата во граѓанска војна“, јавува дописникот на МИА од Атина.

Статијатата, потпишана од Никос Констандарас, колумнист во грчкиот весник „Катимерини“.

„Тешко е да се замислат многу други земји, особено зрели западни демократии, каде убиство на двајца членови на релативно мала политичка партија може да предизвика сериозни стравувања за политичка нестабилност и национална поделба“, пишува весникот.

Во написот се истакнува дека убиството на Павлос Фисас го означи крајот на имунитетот на партијата, бидејќи „се чинеше дека ниту Владата, ниту полицијата , ниту пак судството сакаа да бидат против нив“. Убиството на двајцата членови на Златна зора се смета за чин на одмазда , а полицијата верува дека го извршиле екстремно левичарски терористи, наследници на „ 17 Ноември“.

Според „Њујорк тајмс“, за Нова демократија и ПАСОК ќе гласаат многу помалку избирачи на изборите за Европскиот парламент и на тој начин ќе се отвори пат за предвремени избори. „Кризата , како и мерките насочени за борба против неа, резултираа со висока стапка на невработеност (28%), стрмен пад на бруто домашниот производ (28 % од 2008 година ), повисоки даноци, ниски примања, помали бенефиции, широко распространета несигурност, и губење на верата во политичкиот систем - демократските институции , па дури и во Европската Унија“, тврди грчки колумнист. Тој додава дека опозициските партии имаат стекнато многу следбеници со ветувањата дека ќе се врати сето она што беше изгубено во периодот на штедење и реформи.

Ако анкетите се точни, Сириза и Златна зора ќе бидат уште посилни, подвлекува „Њујорк тајмс“.
Текстот завршува со стравувања од нова граѓанска војна во Грција.

„Во ситуација кога силите на политичката левица и десница добиваат на сила и можеби одат кон конфликт, со центар кој се бори да преживее, може да се види она што се чинеше невозможно до неодамна: нова рунда граѓанска војна по децении мир и напредок. Иако впуштањето во политичко насилство не е неминовно, сцената е поставена на начин кој премногу зависи од она што ќе изберат да го направат будали со оружје“, заклучува „Њујорк тајмс“.

13.11.2013 - 16:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега