Ставрески: Во услови на криза успеавме да отвориме 100.000 работни места

Со политиките и инвестициите за привелекување на странски инвестиции и поттикнување на домашниот приватен сектор успеавме во изминатите шест седум години да отвориме над 100.000 работни места и да ја намалиме стапката на невработеност под психолошката граница од 30 проценти, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната Тркалезна маса за создавање нови работни места и поттикнување развој на автомобилскиот и агро секторот во Македонија, организирана од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на групацијата на Светска банка.

Целта на тркалезната маса е да се развие заеднички акциски план за унапредување на неискористениот развоен потенцијал на приватниот сектор во Македонија за создавање на повеќе и подобри работни места со посебен акцент на автомобилскиот и агро секторот.

Ставрески во своето обраќање посочи дека во Македонија токму автомобилскиот сектор и агро-бизнисот се клучните сектори со најверојатно најголем потенцијал за развој на работни места, во кои земјава има компаративни предности, но за кои се покажува и најголем интерес за вложување од странските компании.

- Двата приоритети кои се во фокусот на денешната тркалезна маса, остварувањето на повисок економски развој преку зајакнување на конкурентноста на домашната економија и развој на приватниот сектор и нивното трансферирање во поголем борој на работни места  се и двата клучни пртиоритети на Владата на Република Македонија... Сметам дека има простор за повисок економски раст во земјава и за побрз раст на двата сектора, како и за нови инвестиции од приватниот сектор, бидејќи токму тие инвстиции се она што треба и мора да го движи економскиот раст во иднина, рече Ставрески.

Тој смета дека Владата и приватниот сектор во изминатите неколку години покажале посветеност и резултати токму во овие две области.

- Економскиот  раст е она што ја карактеризира Република Македонија дури и во услови на криза и се реализира во сите години освен во 2009 и 2012 година кога имаше мал негативне раст. Ако се заме просекот на остварениот раст  во изминатите шест-седум години на континуирана европска и светска криза тој изнесува 2,8 проценти и е петти најдобар кумулативен резултат во Европа, рече Ставрески нагласувајќи дека со тоа се покажува оти реформите што се реализираа ги дадоа вистинските резултати.

Министерот посочи дека во јуни годинава, невработенста во Македонија се намали на 28,8 проценти.

- Иако тоа е доста високо ниво и покажува  дека се уште има доста потенцијал за намалување, сепак треба да се знае дека тоа е историски најмала стапка на невработеност  во изминатите 22 години, рече Ставрески.

Тој потсети дека во првите шест месеци од 2013, во Македонија е остварен просечен пораст на БДП од 3,4 проценти, што, како што релем е четврти најдобар резултат во Европа. Ставрески истакна дека се очекува до крајот на годинава да се реализира економски раст од најмалку 2,5 до 3 проценти зависно од случувањата во европската, но и од состјбите во македонската економија.

- Во среднорочната стратегија како Влада предвидуваме 3,2 проценти раст во 2014 година, 3,8 проценти во 2015 и 4,5 проценти во 2016 година... Најзначајно е дали ја направивме и како да ја направиме македонската економија поконкурентна од пред неколку години, како и дали општите услови за работење се добри и ќе овозможат кога кризата ќе биде зад нас македонската економија да приграби повеќе од пазарот и да се отворат нови работни места, истакна Ставрески.

Кога станува збор за конкурентноста, додаде, најзначајни се бизнис климата, инфраструктурата и човечкиот фактор.

- Токму во сите три области инвестиравме доста и направивме многу работи и Македонија од аспект на бизнис климата веќе е најдобро рангирана во регионот и е 25. во светот. Тоа покажува дека општиот амбиент за водење бизнис е добар. Направени се и доста напори во сферата на образованието, но сепак има доста простор за подобрување, рече Ставрески. 

Директорот на ИФЦ за Европа и Централна Азија, Томаж Телма посочи дека невработеноста во светот е околу 200 милиони луѓе, а во следните седум години ќе треба да се создадат уште 600 милиони работни места за да се биде во чекор со порастот на популацијата.

- Дури 90 проценти од работните места во растечките пазари се создаваат од приватниот сектор. Врз способноста на компаниите и на земјите да создадат  работни места влијаат пристапот до финансиски средства и инфраструктура, климата за инвестирање и вештините и обуката. Ние како ИФЦ и Светска банка можеме да помогнеме во секоја од овие области, рече Телма.

Тој посочи дека не е битно само да се создадат нови работни места, туку тие да бидат и квалитетни.

- Во овој регионтреба да се работи на создавање вистински квалитетни работни места за индустриите кои се особено привлечни или имаат компаративни предности во споредба со другите. Затоа денеска се обидуваме да се насочиме  во секторите кои со Владата ги дефиниравме како приоритетни за Македонија. Предизвик е како да се претворат релативно високите странски директни инвестиции во работни места во целиот тек на синџирот на вредноста, а не само во фабриките кои ги отвориле странските инвеститори, рече Телма.

Роланд Михалич, одговорниот за Студијата на ИФЦ за работни места (IFC Jobs) порача дека Македонија до 2020 година треба да отвора по 39.000 нови работни места годишно за да ја достигне Европската унија што, како што рече е три пати повеќе од она што се создавало во последните неколку години.

- Автомобилската индустрија и агро-секторот во Македонија имаат голем потенцијал за отворање на нови работни места. Не се единствените, но ние мораме да почнеме од некаде. За да се зголеми бројот на работни места во земјава мораме да почнеме да соработуваме со приватните компании, рече Михалич.

Во земјите во развој, прецизира, голем број на работни места, некаде околу 60 проценти се уште се неформални, 30 проценти од работниците се во неформалниот сектор.

- Во Македонијата инфраструктурата релативно е подобрена, финасиисте се уште се голем проблем, обуките и вештините е нешто каде земјата е на вистинскиот пат. Поголемиоот број наработни места се во малите и средните компании, но тие постојано растат. Важно е компаниите да пораснат воголеми зашто таму продуктивноста и платите се поголеми и има повеќе можности за обука, рече Михалич.

Како проблеми со кои треба да се справи Македонија во областа на вработувањето е во областа на вклучувањето на жените, особено од албанската и ромската популација, кај младите под 25 година кај од кои постои невработеност од над 50 проценти. Кај младите, како што рече, треба да се вклучи и бизнис сектор во процесот на образование. Исто така, предизвик се и пензионерите над 65 годии чија бројка до 2030 година ќе се зголемува до 20 проценти од популацијата. - Затоа се поставува прашањето кој ќе плати за нивните придонеси, освен ако не се направат работните места попродуктивни, рече Михалич.

Директорот на Концеларијата СБ во Македонија Татјана Проскурикова рече дека последните бројки во Македонија укажуваат на охрабрувачки тренд во однос на невработеноста, која, како што рече, сепак е доста висока, а особено меѓу младите. Таа додаде дека најдобар начин за намалување на сиромаштијата, што е основната цел на Светска банка, е отворањето на нови работни места. Заради тоа, нагласи, поддржуваме повеќе проекти за отворање на нови работниместа во Македонија.

Министерот за странски инвестиции Веле Самак посочи дека пред шест години имаше само една слободна економска зона во Македонија во близина на Скопје, а сега има повеќе распространети низ целата територија, што како што рече е добро за инвеститорите бидејќи најголемиот број на невработени се надвор од главниот град.

- Со привлекувањето на странски инвеститори во зоните имаме ситуација на создавање работни места и пораст на извозот од земјава. Има и пораст на услугите и стоките што ги навбавуваат тие странски компании во Македонија што, пак, е услов за индиректно отворање на работни места. Очекуваме во нардните години нови работни места да се отвораат во градовите низ македонија и 50 отсто од вработентие да бидат со стручно образование, рече Самак и додаде дека се прават напори за подобрување на квалитетот на образование.

Тој ги охрабри и домашните и странските компании да отворат можности за стажирање на дипломците, а градоначалниците да развиваат зони за комерцијални и туристички активности за да се создадат нови работни места и да се намали притисокот за иселување во главниот град. 

ФОТО: МИА

14.11.2013 - 13:44
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа