Заев: Заврши времето кога од ВМРО-ДПМНЕ беа и извршители и судии и обвинители
Вие сте станале истражител, ги коментирате сите детали и од ракав „тропате“ работи кои се далеку од секоја можна вистина. Но, не е мое, ниту на нас политичарите да коментираме делови од истрагата. Помина времето кога бевте и извршители и судии и обвинители, му кажа премиерот Зоран Заев на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на дуелот на Канал 5.
Тој додаде дека изградбата на модуларните болници е според закон и дека се спроведени сите правила и правни прописи.
– Во еден период имавме по 750 пациенти во тие модуларни болници и тие спасија животи. Да бидете толку политички ориентирани за пуста желба за власт да ја злоупотребувате оваа страшна трагедија може само вам да ви личи, рече Заев.
Тој додаде дека е проѕирно политичкото злоупотребување на оваа трагедија од страна на ВМРО-ДПМНЕ и дека граѓаните го гледаат и препознаваат тоа.
– Болниците од модуларен тип се изградени со цел да се избегне италијанско сценарио и преполнување на болниците. Ако место споменици се правеа болници претходно, немаше да има потреба од модуларни болници, рече Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа