По желба на болно детенце Сан Франциско се претвори во Готам Сити

Петгодишниот Мајлс Скот од Сан Франциско, боледува од леукемија, и побарало барем на еден ден да биде супер-херојот Бетмен, а фондацијата „Исполнета желба“ му помогнало во тоа.

Тие собрале неверојатни 12 илјади доброволци, кои решиле да му ја исполнат желбата. Во масовната претстава се вклучија и локалните телевизии кои го следеа малиот Бетмен во неговите подвизи, па и претседателот Барак Обама, кој на крајот на денот му честиташе што го спасил градот од криминалците.

Претставата содржела испраќање на познатиот Бет-сигнал за помош, возење со автомобил преправен да изгледа како возилото на Бетмен и целодневни авантури низ Сан Франциско.

Мајлс првин го победил негативецот Ридлер, кој се обидувал да ограби банка. Потоа, преплашени граѓани дошле да го повикаат малиот супер-херој да победи уште еден негативец од Бетмен серијалот, Пингвинот, кој ја грабнал маскотата на бејзбол тимот Џиновите од Сан Франциско. На крајот, Мајлс, облечен како Бетмен, истрчал почесен круг на стадионот на Џиновите.

Покрај тоа и весникот „Сан Франциско Кроникл“ објавил специјално издание во кое ги известува граѓаните дека супер-херој го спасил нивниот град од опасните криминалци.

 

Во текот на денот, насекаде низ градот биле истакнати натписи за поддршка на Мајлс, а стотици граѓани се шетале маскирани како ликови од филмовите, претворајќи го Сан Франциско во измислената метропола Готам Сити.

16.11.2013 - 11:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа