Пендаровски со честитка за 23 Октомври: Да ги надминеме предизвиците на нашето време
Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во која наведува дека датумот на основањето на македонската револуционерна организација е пресвртната точка од која започна долгиот и макотрпен пат за создавање на независна македонска држава.
– Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Благодарение на визијата на тогашните напредни интелектуалци за слобода и за правда, се осмисли почетокот за револуционерна борба и се обединија прогресивните сили во стремежот за остварување на националните и социјални идеали.
Во македонската револуционерна организација, посочува Пендаровски, имаше различни пристапи, концепти, идеолошки сфаќања, но секогаш само една и единствена заедничка идеја ‒ Македонија слободна и независна.
– Без разлика на вера, етникум, идеологија, партиска или каква било припадност да се обединиме околу идејата за демократска, развиена, напредна и просперитетна Република Северна Македонија. Да ги надминеме предизвиците на нашето време, да си ја сакаме и чуваме државата, да не се арчиме со меѓусебни судири и да го оставиме личниот интерес и суетите настрана, истакнува Пендаровски.
Претседателот во честитката порачува „да продолжиме да градиме иднина, инспирирани од родољубието, пожртвуваноста и од хероизмот на нашите револуционери“.
– Нека е вековит 23 Октомври, Денот на револуционерната борба, наведува претседателот Пендаровски во честитката по повод државниот празник 23 Октомври.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа